Ревија на три етнолошки документарни филмови
Во Занаетчискиот дом на Куманово, вечерва во 19.30 часот, ќе се одржи промоција на три документарни филмови од авторките Анита Ѓорѓиевска и Валентина Андреиќ, вработени во НУ Музеј -Куманово.

Од областа на историјата на уметноста ќе биде прикажан документарниот филм „Двојните цркви во кумановско од поствизантискиот период 16 и 17 век“, на авторката Валентина Андреиќ, а од областа на етнологијата ќе бидат прикажани краткометражните документарни филмови „Патот на надежта“ и „„Свадбата во Кокино“ на авторката Анита Ѓорѓиевска.
Во документарниот филм „Двојните цркви во Кумановско од поствизантискиот период 16 и 17 век“, ќе бидат прикажани пет цркви од околината на Куманово: црквата „Свети Спас“ во Довезенце, „Света Петка“ во Малдо Нагоричино, „Света Параскева“ во Мургаш, двојна црква во Сурв Орах (Св. Никола и св. Ѓорѓи) и „Света Петка“ во Параскева.
„Изнесени се најважните карактериски на овие цркви. Најкарактеристични се разликите во архитектурата и уметничките одлики, т.е фрескоживописот и иконописот. Додека пак, двојните цркви се разликуваат од другите цркви, бидејќи се поделени на два надолжни дела, со карактеристичен премин“,- вели Валентина Андреиќ, виш кустос историчар на уметноста.
Во „Патот на надежта“ станува збор за животот на старите ергени во с.Длабочица и секојдневните случувања во селото. Додека пак во документарниот филм „Свадбата во Кокино“ се врши рекнонструукција на обичаите и обредите од 30-тите години на минатиот век.
„Ова се два начина на бележење на обичаите и животот во две места. Забележување со камера на она што се слуува во своето изворно значење“,- вели советник етнологот м-р Анита Ѓорѓиевска.
Во овие два филма земаат учество и КУЦ „Панче Пешев“ од Куманово.
Овие документарни филмови се прикажувани и наградувани во нашата држава, како и надвор од неа.
Проектот е финансиран од Општина Куманово, во рамки на манифестацијата „Куманово-град на културата 2019“.