Боксерот Руждија Рустемовски од Битола го освои пехарот „Мирослав Петровиќ“ во Куманово
Руждија Рустемовски од Битола е победник на Меѓународниот боксерски турнир „Мирослав Петровиќ“, кој викендов се одржа во Куманово.

Тој е најдобар во сениорска категорија до 63,5 килограми. Со награди се закитија и Џан Биљали од Куманово кај кадетите, Арабел Рустемовски од Битола во категоријата на јуниори и Јоаким Јовановски, боксер во кумановскиот клуб, кај младинците.
„Презадоволен сум во каква атмосфера помина турнирот. Ми се оствари големата желба да се одржи турнирот на отворен простор на Градскиот плоштад. За импресиите и организацијата сепак суд треба да даде публиката, која ја имаше во завиден број. Се надевам дека одговоривме на нивните замисли како треба да изгледа еден интернационален турнир, кој секоја година добива на популарност“, истакна Самет Салиевски, претседател на БК „Куманово“ и организатор на турнирот.
За победниците беа обезбедени пехари и медали, а на сите присутни тренери и судии им беа поделени благодарници за учество.
На турнирот гостуваа 90 спортисти од соседните земји, но и други држави од светот- Србија, Словенија, Азербејџан, Палестина, Романија, Молдавија, Турска, Полска, Кувајт.
Меморијалниот боксерски турнир „Мирослав Петровиќ“ се одржа по 5 пат, а рингот беше поставен на големиот градски плоштад.
Турнирот се одржува со поддршка на Општина Куманово, преку Општинскиот сојуз на спортови, Министерството за спорт, Европската боксерска конфедерација и Националната боксерска федерација.