Зголемен бројот на повици во Брза помош со растот на температурите
Екипите на Брза помош од Куманово имаат повеќе од 30 повици и интеревенции дневно по наглиот пораст на температурите.

Зачестени се колапсите на отворено, а од симптомите предничат главоболки, висок крвен притисок, отежнато дишење и гушење, а реагирале и на неколку повици за мозочни удари.
„Зголемен е обемот на работа, се јавуваат хронично болни пациенти со влошување на состојбата, но и навидум здрави луѓе кај кои доаѓа до нагло нарушување на општата здравствена ситуација. Кај најголем дел од нив проаѓа со зголемена хидратација на организмот, засолнување во сеновити и разладени простории и повеќе одмор. Дел од пациентите се преземени за болничко лекување на некое од одделенијата“, објасни, д-р Христина Краиновиќ, специјалист по ургетна медицина.
Таа ги повтори препораките до граѓаните - да се пие поголема количина на течности, но и да се избегнуваат алкохол и засладени сокови, да се конзумира лесна храна, да се намали количината на оброците, повеќе мирување, да не се излегува во периодот од 11 до 17 часот, а ако сепак се излезе на отворен простор да се носи светла и лесна облека, од природни материјали и да се заштити главата со шапки, чадори, марами, наочари за сонце.
Надлежните знаат дека овие препораки се добро познати на населението, но мора да се повторат затоа што во наредните, летни месеци ќе треба доследно да се применуваат.