Мени

„Сакаме зелено“ – проект што ја буди еколошката свест кај учениците

12.12.2025 11:02 | Сузана Николиќ

Во Куманово се одржа завршната работилница од проектот „Сакаме зелено“, што го спроведе здружението „Илирија“. 

„Сакаме зелено“ – проект што ја буди еколошката свест кај учениците

Проектот траеше четири месеци и опфати беа ученици од основните училишта „Наим Фрашери“, „Вук Караџиќ“, „Толи Зордумис“ од Куманово и „Дитурија“ од Липково. Учениците заедно со своите наставници работеа на подигање на еколошката свест и заштита на животната средина во двете општини.

„Немаме волшебно стапче за да ги смениме негативните појави и да ги решиме глобалните проблеми со загадувањето, но секој од нас може барем малку да придонесе во заштита на околината. Затоа е последен момент да почнеме. Целта е да се подигне свеста кај учениците за заштита на училишните простории и јавните површини, а посебно да се нагласи важноста на воздухот, земјата и водата за животот на човекот и сите живи суштества. Многу е важно ние, возрасните, да ги научиме децата да стекнат здрави навики за заштита на природата. Земјата сме ја добиле од нашите предци и треба да ја пренесеме на идните поколенија како најголема вредност, затоа што немаме резервна планета“, порача Дије Арифи, координаторка на проектот и претседателка на здружението „Илирија“.

Таа додаде дека во проектот биле опфатени ученици од шесто одделение, бидејќи токму тие ќе останат уште три години во училиште и ќе имаат време да го применат стекнатото знаење и да го пренесат понатаму – и кај нивните соученици, и во своите семејства.

Арифи ја истакна успешната соработка и силната поддршка што ја добиле од директорите и наставниците во училиштата. Професорките Сања Антиќ, Фетлуме Муртези, Рејхане Јакупи и Емилија Веселиновска ги водеа работилниците со учениците, откако претходно поминаа обуки организирани од здружението и експертот за животна средина Нора Зеќири.

„На работилницата зборувавме за екологијата, а учениците изработуваа постери и испраќаа еко-пораки. Сметам дека ја постигнавме целта – кај децата се разбуди еколошката свест и ветија дека ќе ја пренесат на останатите ученици. Ваквите проекти се многу значајни, бидејќи покрај редовната настава, потребни се и вакви активности за развивање на одговорен однос кон природата“, рече Веселиновска.

Професорката Рејхане Јакупи од ОУ „Наим Фрашери“, вели дека учениците се исклучително задоволни од активностите на проектот, и  подготвени се да учествуваат и во нови слични проекти.

 „Денес се одржа финалниот дел од проектот, каде што учениците „се натпреваруваа“ со своите завршни изработки, претставувајќи ги своите пораки за значењето на заштитата на животната средина. Овој проект има за цел да ја подигне свеста кај учениците, а доколку овие пораки се пренесат преку медиумите тие би можеле да придонесат за подигнување на свеста и кај поширокото население. Верувам дека пораките се многу вредни и дека треба да има што повеќе вакви активности и проекти“, кажа Јакупи.

Сања Антиќ, наставничка по биологија во ОУ „Вук Караџиќ“, вели дека екологијата е актуелна тема и веќе ја обработуваат на часовите, па затоа на децата е им било непознато кога се вклучиле во проектот. 

„Имавме работилница, презентации, изработувавме цртежи, а денес ја заокружуваме со завршната манифестација. Последиците од неодговорното однесување кон природата ги чувствуваме секојдневно – лошиот квалитет на воздухот и водата директно го засегаат здравјето на човекот. Никогаш не е премногу работа на оваа тема. Децата учат, се дружат и се едуцираат на забавен начин“, смета Антиќ.

Учениците не го криеја своето задоволство што се дел од проектот и ветија дека ќе го применат она што го научиле.

„Многу убаво си поминуваме, се дружиме и се запознаваме со ученици од другите училишта. Цртавме, учевме како правилно да се однесуваме кон природата, да не ја загадуваме, да штедиме вода, да ги фрламе отпадоците во корпи“, едногласни се учениците.

Проектот е поддржан од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Здружението „Илирија“ постои повеќе од 25 години и активно работи во Куманово, Липково, но и на регионално, национално и меѓународно ниво. Членка е на неколку мрежи на организации, меѓу кои Организацијата на жени во Македонија, Националниот совет за родова рамноправност, Граѓанска иницијатива „Антико“, Женски центар „21-ви век“ Куманово и други. Зад себе има реализирано голем број проекти од различни области, а посебно внимание посветува на работата со маргинализирани групи.