Сања Лукаревска, позитивна на коронавирус, вчера беше во посета во Куманово
Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, вчера беше на работен состанок во Куманово, а денес објави дека е позитивна на коронавирус.

Заедно со неа на состанокот и прес-конференцијата беа и техничкиот премиер Оливер Спасовски, членовите на регионалниот штаб на СДСМ, кандидати за пратеници од втора изборна единица и претставници на медиуми.
Таа на својот фејсбук профил објави дека се тестирала за вирусот, поради работните состаноци коишто ги имала со потпретседателот на СДСМ Мухамед Зекири, кој вчера објави дека има коронавирус.
„После веста која ја објави другарот Мухамед Зекири, а поради работните состаноци кои ги имавме заедно, направив тест за КОВИД-19 и резултатот е позитивен. Немам никакви симптоми и веќе сум во домашна самоизолација. Не можам да бидам сигурна на каков начин сум го добила вирусот, но сите контакти кои ги имав последниве денови беа со целосно почитување на мерките за заштита, со маска, на дистанца и со редовна дезинфекција. Ќе ги следам насоките на епидемилозите во целост и очекувам повеќе информации од нивна страна, согласно анкетата која треба да ми биде направена“, додаде Лукаревска.
Останатите членови на партијата коишто вчера беа во контакт со Лукаревска, чекаат на насоките и препораките на епидемиолозите дали ќе бидат во самоизолација.