СДСМ секогаш била и мора да остане партија која обединува, порача Ковачевски
Кандидатот за претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски вечерва во Куманово одржа средба со членовите на раководството на СДСМ каде ја презентираше програмата и визијата за СДСМ. На средбата присуствуваа и членови на раководствата од Крива Паланка, Кратово, Ранковце, Липково, Старо Нагоричане и Арачиново. Тој истакна дека резултатот на изборите покажал дека СДСМ мора да ги менува работите.

„На СДСМ му е потребен јасен и фер внатрепартиски систем каде луѓето се почитувани и наградувани согласно придонесот. СДСМ секогаш била и мора да остане партија која обединува, а партијата мора да е препознаена преку чесни, посветени и ангажирани луѓе. Посветеноста и одговорноста на секој кој има партиска функција ќе биде единствено мерило за напредок. Јас сум убеден дека ваквиот пристап ќе придонесе за поголема мотивација и ангажман на целото членство на СДСМ, но и поддршка на сите граѓани“, кажа Ковачевски пред сопартијците.
Тој додаде дека досега Владата на СДСМ направи крупни промени и реши децениски проблеми, и овие добри политики мора да продолжат.
Ковачевски во следните денови ја продолжува кампањата во сите поголеми градови ширум државата каде ќе се сретне со голем број на членови и приврзаници на СДСМ.