Се планира отворање на билингвални паралелки на македонски и српски јазик доколку има интерес од учениците
Делегацијата на српската амбасада во Македонија, денеска оствари средба со градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски, каде се разговараше за унапредување на правата на учениците кои припаѓаат на српската етничка заедница.

Градоначалникот Димитриевски, посочи дека главна тема на разговорот била отворањето на билингвална настава на македонски и српски јазик, во основни и средни училишта во Куманово.
- Разговаравме на повеќе теми, една од главните теми на коишто се задржавме е секако образовниот процес во нашата Општина и можности за унапредување на правата на учениците кои припаѓаат на српската етничка заедница, со можност за отворање на билингвална настава-билингвални паралелки, во нашите основни и средни училишта, за учениците коишто се заинтересирани. Ние како Општина се залагаме за унапредување на правата на сите етнички заедници во Општина Куманово и ќе продолжиме во тој дух да креираме можности за сите, а првенствено да градиме едно реално мултикултурно општеството. Куманово било и ќе биде мултиетнички град,-додава Димитриевски.
Амбасадорката Душанка Дивјак Томиќ, вели дека припадниците на српската заедница честопати потенцираат дека немаат доволно услови за изучување на српскиот јазик во училиштата и дека само преку продлабочување на меѓусебната соработка може да се излезе во пресрет на сите граѓани.
- Тука ги разгледавме оптималните варијанти, се договориме претходно да се направи една анализа и анкета во поглед на интересот. Јас, со оглед на тоа дека овде сум веќе подолго време, можам да кажам дека припадниците на српскиот јазик во Македонија доста често се жалат дека нема доволно простор во училиштата за учење на српскиот јазик. Еден напредок е тоа што Владата има донесено одлука српскиот јазик да се изучува како изборен предмет, веќе од наредната школска година, затоа што, колку што знаете, токму сега е утврден и одобрен тој програм за трето одделение и во процес е изработка на програма и за четврто одделениие во основните училишта. Но, она што можеби треба да се направи во наредниот период и за тоа и разговаравме денес, е да ставиме акцент на повисоко ниво на образование, односно на средното образование,- објаснува Дивјак Томиќ.
Миленко Мацура советник на Министерот за образование на Република Србија, додава дека за да се унапреди образованието треба да се направи поврзување помеѓу изучувањето на српскиот јазик во основните и средните училишта.
- Ние сме тука со еден пакет со кој имаме стигнато за да го унапредиме образованието на српските деца, но секако и на сите деца кои сакаат да учествуваат во биилингвален проект и наставата. Се надеваме дека тоа ќе го успееме. Во кој правец ќе се развива нашата соработка зависни од децата и нивните родители, дали тоа ќе биде економски струки, медицински, ит технологија, итн., но се надеваме дека ќе можеме да го оствариме тој нов програм и децата да добијат еден вертикала со која ќе го поврзат и основното и средното училиште.
Во Општина Куманово српски јазик се изучува во основното училиште „Браќа Рибар“ во Табановце. Со години наназад Министерството за образование распишува конкурс за една паралелка на српски јазик во гимназијата „Гоце Делчев“, но нема интерес од учениците.