Се пошумуваше околу Градскиот базен и на Студена вода
Две пролетни акции за пошумување на јавни површини се организираа изминатите денови во Куманово. Клубот на советнички во неделата садеше дрвца кај спортскиот комплекс Градски базена, а претставници од Општината и АРМ на излетничкото место Студена Вода.

„Целта ни е да ја подигнеме свеста кај нашите граѓани, да покажеме со личен пример дека секој од нас може да одвои малку време и засади дрво. Со зголемување на шумскиот фонд ќе го подобриме квалитетот на животната средина и нашето севкупно живеење во нашата општина“, кажа претседателката на Советот, Атина Мургашанска.
Во акцијата се вклучија советнички од сите политилки партии, со поддршка на вработените во ЈП „Чистота и зеленило“.
Советничката Анета Шандева, апелираше до граѓаните да ги чуваат засадените садници.
Втората акција за создавање зелен појас околу градот се одржа на излетничкото место Студена Вода и беше организирана од Општина Куманово. Во неа се вклучија војниците на АРМ и Главниот штаб на бригадата на Југоисточна Европа (СИБРИГ) кој е сместен во кумановската касарна.
При тоа беа засадени 30 листопадни, 10 зимзелени, 20 украсни грмушки и 600 садници кои се состојат од бел бор и чемпрес.
„Ова е само една од многуте акции коишто планираме да ги спроведеме во наредниот период“, кажа градоначалникот Максим Димитриевски.
(С.Н.)