Се прoширува листата на дејности во кои може да се плаќа со домашна платежна картичка
По реакцијата на Стопанската комора на Македонија и дел од бизнисите во одредени дејности кои не беа опфатени во Уредбата на дејности кои можат да се користат со домашната платежна картичка, листата е дополнета, објави министерката за финансии Нина Ангеловска.

Новите дејности кои беа дополнети се: продавниците за текстил, обувки, предмети од кожа, спортска опрема, продавници за книги и продавници за мебел, осветлување, производи за домаќинства.
Меѓутоа, во текот на расправта којашто се отвори помеѓу граѓаните на кои им следува домашна платежна картичка, тие најчесто бараа со картичките да се плаќаат сметки за струја и вода, меѓутоа дополнителното дополнување на уредбата не ги опфати овие работи.
Уредбата за домашната платежна картичка вчера беше дополнета и сега граѓаните со домашната платежна картичка може да купуваат домашни производи и услуги во:
- Хотели, одмаралишта, кампови и други објекти за сместување;
- Туристички агенции и оператори;
- Ресторани, достава и подготовка на храна и пијалоци;
- Супермаркети;
- Продавници за храна, пиљари, пекари;
- Mебел, осветлување, производи за домаќинства;
- Книжарници и продавници за книги;
- Спортска опрема;
- Продавници за облека, обувки, предмети од кожа;
- Аптеки;
- Фризерски салони и салони за убавина и други услужни дејности.
Производите коишто ќе можат да се купуваат со оваа картичка, ќе бидат означени со ознака „Купуван домашно“ или пак ќе бидат поставени на посебен рафт.