Се сечат дрвја за да се изгради автобуска постојка карши „Уред“
Две липи денеска попладне се исечени на тротоарот улицата „Гоце Делчев“, спроти зградата на т.н. „Уред“.

Сечата на дрвјата се врши по налог на Општината, заради проширување на сообраќајницата, поточно за изградба на автобуска постојка. Граѓаните кои биле очевидци реагираат заради намалување на зеленилото во градот.
„Денеска случајно бев сведок на сеча на две стари дрва со големи крошни во центарот на градот. Мислам дека Куманово како град кој нема доволно зелени површини, а има енормно загаден воздух не може да си дозволи во центарот на градот, каде има најмалку зеленило да ги уништува старите дрвја, коишто покрај тоа што го прочистуваат воздухот, во летниот период создаваат сенка на минувачите. Оваа сеча е поради проширување на улицата, односно ќе се гради автобуска постојка, што значи дека просторот за пешаци и велосипедисти ќе се намали или ќе го снема како и дрвата, на сметка на автомобилскиот сообраќај“, - пишува наш сограѓанин кој ни ги испрати фотографиите.
Градоначалникот Максим Димитриевски на прозивките на социјалните мрежи одговори дека било неопходно да се реализира проктот за проширување на улицата.
„На улицата „Гоце Делчев“, која е една од тесните грла во центарот на градот се реализираат две автобуски постојки, кои до сега не постоеа. Неопходно беше да се прошири улицата, а по нивна реализација ќе бидат засадени нови. Знам дека е болно, но повеќе од неопходно е да се реализира проектот “, - напиша Димитриевски на ФБ.