Се уредува излетничкото место „Студена вода“
До крајот на мај ќе заврши уредувањето на излетничкото место „Студена вода“, кое се наоѓа во близина на селото Доброшане во Куманово.

Проектот - „Уредување на излетничко место во рурална средина“ чини околу 200.000 евра, а средствата се обезбедени од Агенција за финансиска поддршка на земјоделство и рурален развој и Општина Куманово.
- Предвидена е изградба на вкупно шест летниковци, со маси и сточиња. Целиот простор ќе биде поплочен со бекатон, ќе се изгради пристепен пат, паркинг простор и детско катче, ќе се доведе вода и струја, ќе се оплемени со зеленило, а ќе има и стражарска служба. Граѓаните коишто ќе го користат ќе ги имаат сите услови за пријатен престој, - вели Момчило Јовановски, помошник раководител од одделението за комунални работи на Општина Куманово.
Воедно, ќе се реконструира и санира постоечка чешма и спомен одбележјето.
Вкупната вредност на овој проект е 11,3 милиони денари, од кои 8,2 милиони денари се обезбедени преку Агенцијата, а 3,1 милиони денари од Општината.
Со уредувањето на овој простор кумановци ќе добијат уредено излетничко место. Локалитетот „Студена вода“ со години беше неуреден и запуштен.