Се враќам на работа, дебатата ќе ја водиме во партијата, порача Димитриевски
Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевки, од утре се враќа на работа, откако помина 14 дена во изолација, поради тоа што беше заразан со коронавирус. Информацијата дека и вториот тест е негативен го сподели вечерва на социјалните мрежи.

- Сакам да ја информирам јавноста дека штотуку го добив резултатот од вториот контролен тест кој е направен во Институтот за jавно здравје и е негативен. Од утре продолжувам посветено со моите работни обврски, - напиша Димитриевски.
Во врска со поднесеното кривично дело на непочитување на самоизлоцијата, од МВР до Јавното обвинителство Куманово, вели дека станува збор за институционална хајка.
- Постапката ќе покаже дека нема основ за кривично дело и дополнително ќе ги потврди сомнежите. Институционалната хајка која се води против мене и членовите на штабот изминатите денови за мене до овoj момент е неразбирлива. Не сакам ни да помислам дека некој во овие тешки моменти се поигрува со здравјето на моите сограѓани, води политика и креира црни сценарија за елиминација на неистомисленици. До тогаш останувам посветен на борбата против епидемијата и моите секојдневни обврски за доброто на сите граѓани. Уште еднаш ја повикувам директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат и министерот за здравство да го достави извештајот на увид на мене, штабот и јавноста, сепак тоа не е таен документ, - наведува Димитриевски.
Тој додава дека е длабоко разочаран од изјавата на портпаролот на СДСМ Костадинов, дека партијата се оградува од постапките и изјавите на Димитриевски.
- Длабоко сум разочаран од изјавата на портпаролот на СДСМ и ја сметам за избрзана и несреќна. Покрај политичка носиме и институционално - општествена одговорност кон граѓаните и јавноста кои не избираат по предлог на партиите. Дебатата ќе ја водиме внатре во партијата. Сега е време за дејствување против епидемијата и помош на граѓаните.Од 1995 година се водам по начелата на мојата партија за демократија, еднаквост, отчетност, одговорност. И во тој дух ја извршувам функцијата градоначалник на најголемата општина во државата и ќе продолжам така, - напиша градоначалникот.