Шест лица затруeни со храна во кумановски ресторан додека биле на семинар
Учесници на семинар се затруле со храна во кумановски ресторан. Од шестемината заболени, двајца се хоспитализирани, тројца се во дневна болница и еден на домашно лекување. Ресторанот е затворен.

Одделението за епидемиологија при Центарот за јавно здравје ЦЈЗ Куманово соопшти дека е пријавена епидемија на алиментарна токсоинфекција за шест заболени.
„Знаци на труење со храна развиле 6 лица од вкупно 36 учесници на семинар - обука организирана од една фирма во ресторан во Куманово. По консумирање на храната во надворешниот простор на гостилницата во вечерните часови на 11 септември, симптомите на труење со храна ги развивале по 4 па до 16 часа со обилни повраќања, зачестени воденести столици, малаксалост ,температура до 41 степени, треска, болки и грчеви во стомак и главоболка“, соопшти ЦЈЗ Куманово.
По првите пријави за заболени со знаци на труење со храна бил направен координиран надзор од ЦЈЗ Куманово , Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Агенцијата за храна и ветеринарство, од гостилницата се земени брисеви и мостри храна за микробиолошко испитување.
„Превземени се сите хигиено- епидемиолошки соодветни противепидемиски мерки. Објектот е затворен до добивање на негативни резултати на испитуваните материјали. Епидемиолошката состојба се следи, велат од Одделението за епидемиологија при Центарот за јавно здравје Куманово.