Ученик малтретиран и наведуван да скокне од прозорец, случајот пријавен во полиција
Дванаесетгодишен ученик завршил на лекување на скопските клиники поради булинг. Тој бил навредуван, исмејуван и наведуван да скокне од прозорец.
Случајот во полиција го пријавила неговата мајка, која тврди дека нејзиниот син бил малтретиран во основно училиште.
„Вчера 35-годишна жена од кумановско пријавила дека подолг период во основно училиште во Куманово, каде што учел нејзиниот 12-годишен син, бил малтретиран од соученик. Според пријавеното, соученикот често го навредувал и го исмејувал, а во еден случај го наведувал да скокне од прозорецот на училницата“, соопшти МВР.
Мајката вели дека детето го известило педагогот во училиштето за вознемирувањата, но, според неа, не биле преземени мерки, ниту таа била запознаена за проблемот. За случајот дознала кога на детето му се слошило во училиште.
„Во петокот се врати порано од училиште. Му се слошило, добил паничен напад и чувство на гушење. Се плаши да оди на училиште. Ми раскажа дека една недела претходно ученик од одделението го навредувал и му упатувал погрдни зборови за братчето, кое има здравствени проблеми. Кога се повлекол кон прозорецот, му рекол да скокне од третиот кат. Една недела никој не ми кажа што се случувало во училиштето“, вели мајката.
Таа го одвела детето на лекар, по што биле извршени прегледи и бил препратен на скопските клиники.
„Над малолетникот биле извршени прегледи во Кумановската болница и во Комплексот клиники ‘Мајка Тереза’, по што бил хоспитализиран на Клиниката за психијатрија“, соопшти МВР.
Мајката додава дека малтретирањето, според неа, траело со години, бидејќи детето било мирно и повлечено, па често било и физички напаѓано. Таа бара надлежните служби да преземат мерки за заштита на децата од булинг, додека не е доцна.
Вчера во Куманово се пријавени уште два напади на ученици во основни училишта.
„А.С. (31) од Куманово, пријави дека во училишен двор на основно општинско училиште во Долно Којнаре, нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од друг малолетник. М.С. (33) , пак, од с. Доброшане, пријави дека на 27. февруари во основно општинско училиште во Куманово, нејзината малолетна ќерка била физички нападната од нејзини соученици“, соопшти МВР.
Се преземаат мерки за расчистување на сите случаи.