Сите што не ја почитуваат самоизолацијата ќе бидат спроведени во државен карантин на сопствен трошок, одлучи Владата
Сите лица што не ја почитуваат мерката за самоизолација, поради коронавирусот ќе бидат спроведени во државен карантин и против нив ќе биде поведена соодветна постапка, а трошоците за време на престојот ќе бидат на нивни товар, одлучи Владата на синоќешната седница.

- За ова, се задолжува Министерството за правда, во соработка со Министерство за здравство да подготви соодветна уредба со законска сила во која правно ќе ја нормира целокупната постапка за спроведување во државен карантин, соопштуваат од Владата.
Се задолжува Комисија за заразни болести при Министерството за здравство, да подготви детален писмен предлог со мерки и препораки за воведување на најстроги рестриктивни мерки во врска со спречување, внесување и ширење на коронавирус COVID-19 , (забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија за време на ден и во ноќ, организирање на јавниот превоз, сменско работење, опфатени категории на лица по возраст), и истите да ги достави до Владата, за следната седница.
Владата го задолжи Министерството за внатрешни работи на секое лице кое ќе ја напушти државата да му даде да потпише лична изјава дека излегува од државата на своја одговорност и дека е запознаен дека поради пандемијата со коронавирусот голем број земји ги затворија границите и дека е отежнато движењето во странство, заради што државните органи на Република Северна Македонија не можат да гарантираат навремена помош за враќање во земјата.
Владата донесе одлука за замрзнување на цените на лимон, портокал, мандарина и грејпфрут и клементините, и определи дека највисоката трговска маржа на овие производи ќе биде таа која што се применувала до 11 март 2020 година кога од страна на Светската здравствена организација (СЗО) беше прогласена пандемија на коронавирусот.
Владата одлучи важноста на патните исправи и за личните карти, чиј рок на важење е истечен да се продолжи за време на траење на вонредната состојба.