Слободни 1.950 места за 1.085 полуматуранти во средните училишта во Куманово
Во општина Куманово има вкупно 1.085 полуматуранти за учебната 2024/2025, а во средните училишта во градот слободни се 1.951 места. Од тоа настава на македонски јазик следат 704 ученици, а на албански 381.

„Да, има повеќе слободни места во средните училишта, но за нив конкурираат и ученици од останатите општини на Североисточниот регион- Липково, Старо Нагоричане, Ранковце, Кратово и Крива Паланка. Колку од слободните места ќе се пополнат ќе се види по првиот уписен рок, на средината на јуни“, објасни Александар Јовановиќ, раководител на Сектор за образование.
Оние ученици кои живеат надвор од Куманово сместување можат да побараат во Ученичкиот дом „Професор Мијалковиќ“, со вкупен капацитет за 120 корисници. Реконструираниот и реновиран интернат на Државното училиште „Киро Бурназ“ се уште не е ставен во употреба.
Гимназијата „Гоце Делчев“ има 306 слободни места, во 9 паралелки.
Во Гимназијата „Сами Фрашери“ се предвидени 238 слободни места, во 7 паралелки.
Во средното стручно училиште „Перо Наков“ треба да се формираат 7 паралелки со 202 ученици за настава на македонски јазик, и 7 паралелки за 184 ученици за настава на албански.
Најмногу слободни места се предвидени за техничкото училиште „Наце Буѓони“- можат да се запишат 297 деца во 9 паралелки за настава на македонски и 340 ученици, во 10 паралелки за настава на албански јазик.
Во Регионалниот центар „Киро Бурназ“ има слободни 384 места- 250 ученици во 10 паралелки за настава на македонски јазик и 134 ученика во 5 паралелки за настава на албански јазик.
Дел и од учениците од Куманово своето школување го продолжуваат надвор од родниот град, најчесто во Скопје во училишта кои нудат насоки и струки кои не се застапени во градот. Продолжува и трендот на иселување на цели семејства или запишување на средношколци и студенти во образовните центри во странство.