Со моќни жени до моќна држава, порачаа социјалдемократките од Куманово
Под мотото „Со моќни жени до моќна држава“, Форумот на жени на СДСМ Куманово, денеска на градскиот плоштад го одбележаа Меѓународниот ден на правата на жените - 8 Март.

Тие испратија порака дека само со силна меѓусебна поддршка и обединети можат да успеат во заедничката борба за еднакво и рамноправно општество за сите.
Снежана Калевска Ванчева, претседателката на Форумот на жени на СДСМ, вели дека сè уште не е задоволна од положбата на жената во македонското општество, но дека континуирано работат за да обезбедат еднакво и рамноправно учество на жената во севкупниот општествено политички живот.
- СДСМ е првата партија којашто на листите ќе има 50 отсто жени, но тука не застануваме. Не е само учествто на жената во законодавната власт, во локалната власт, во смисла на застапаноста во советите, туку борбата треба да продолжи за еднаква застапеност и еднакви можности во извршната власт и ние секако за тоа ќе се бориме. Нема среќно општество без еднакво учество на мажите и жените. Конечно во ова општество мора да сфатиме дека местото на жената е еднакво важно, како што е и местото на мажот. Значи ние сакаме само да имаме еднакви можностии, ништо повеќе,- додава Ванчева.
Соња Тодоровска, претседателка на Форумот на жени на СДСМ од Куманово, ги потенцираше мерките кои Владата на СДСМ во изминатиот период ги донесе во насока на подобрување на положбата на жената и ги повика сите жени да им се приклучат во нивната борба.
- Ние денеска ги презентираме мерките и активностите што досега ние како жени, ги имаме постигнато на полето на родовата еднаквост, исто како и законските решенија коишто нашата Влада во изминатиот период ги има донесено. Јас ќе потсетам само на некои: Законот за еднакви можности помеѓу мажите и жените, Законот за заштита од вознемирување на работно место, Закон за заштита од дискреминација, Имплементација и ратификација на Истанбулската конвенција и сите мерки и активности коишто произлегуваат од неа. Ние како социјалдемократки горди сме на сето она што го постигнавме на полето на родовата еднаквост, но исто така сè уште треба време и работа за ние жените да се чувствуваме безбедни, еднакви и заштитени. Осми март е денот кога ние ја славиме секоја борба, славиме секој успех но и секој крик и повик за помош. Само со моќни жени можеме да имаме помоќна држава, - рече таа.
Првите јавни демонстрации на жените вработени во текстилната индустија биле организирани на 8 март 1857 година во Њујорк, поради лошите услови за работа и ниските плати.
Празникот на жената се одбележува од 1910 година. На втората Меѓународна конференција на жените социјалистки одржана во Копенхаген на иницијатива на Клара Цеткин е решено овој ден да се празнува во чест на демонстрациите на жените ширум светот во 1903 година, кои се одржаа под паролата „Борба за општо право на глас“.