×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Со пеперутки и срциња на своите слики дечињата сакаат да го избркаат коронавирусот

    22.07.2020 10:42 | KumanovoNews

    Коронавирусот и состојбата предизвикана од неа, беше една од темите кај младите уметници, кои денеска твореа на ликовната работилница, којашто ја организираше Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.

    Со пеперутки и срциња на своите слики дечињата сакаат да го избркаат коронавирусот

    На дел од цртежите можеа да се забележат пеперутки, срциња и се` она што претставува симбол на убавото како крик на потребата вирусот да одлета некаде далеку и да биде победен од убавината. Додека пак на другите цртежи можеше да се забележи апстрактен експресионизам каде само преку бои, младите сакаа да ја изразат својата емоционална состојба, предизвикана од затвореноста во нивните домови.

    „ Дојдов на работилницата бидејќи навистина сакаме да сликаме и тоа го праваме и дома во слободно време. На нашите цртежи може да се забележи нашата моментална емоција. Можеби во неа се претпочени и чувствата од изолацијата, експресионизмот претставува крик за подобро утре“, рекоа две другарки кои од септември се надеваат дека ќе тргнат во прва година средно, а кои сега поради социјалната дистанца не можеа да бидат една покрај друга.

     Помалите дечиња на работилницата дојдоа со своите баби и дедовци, кои ја поздравуваат идејата на организаторите.

    „Ова е еден пријатен настан, кој е неопходен за децата бидејќи постојано беа дома, а и треба да се случува почесто. Миа која сега е за петто одделение, има цртеж со пеперутки, срциња итн., кај неа се` треба да биде до детал насликано. Таа сакаше нејзиниот цртеж да биде посветол од ова што се случуваше со вирусот. Додека пак другата внука која има десет години, има малку поинаков цртеж, но пораката и идејата ѝ е иста дека убавото ќе го победи вирусот“, вели Зорица Арсенкова, којашто денеска ги донесе своите внучиња на работилницата.

    Директорот на Центарот за култура, Сашо Тодоровски, вели дека и во иднина ќе продолжат да организираат вакви настани и дека ќе се обидат оваа работилница да ја направат традиционална. Целта како што рече тој, на овогодинешната работилница е да им се даде простор на децата да ја изразат својата креативност, а во ова време на вирусот да можат и да почувствуваат една позитивна атмосфера.

    Детската ликовна работилница се одржува по третпат, а како и претходните две години предизвика голема заинтересираност кај најмладите.

    Поради коронавирусот, оваа година работилницата се одржува на отворено, на платото и во паркот пред Центарот за култура.

    (Ф.Марковска)