Сопружници од Дебар заразени со коронавирус допатувале од Италија со автобус, патници се симнале и во Куманово
Двата нови позитивни случаи на коронавирус се сопружници од Дебар на возраст од 62 и 68 години, кои минатат недела со автобус дошле од Бреша, Италија, објави министерот за здравство Венко Филипче.

Тие влегле во земјава на 27 февруари со автобус на граничниот премин Табановце, во кој имало 40-тина патници кои се симнувале во Куманово, Скопје и во Дебар.
- Двајцата сопружници немале никакви симптоми и за првпат со сосем лесни симптоми се јавиле на 2 март на матичниот лекар којшто не препознал индикации да се направи тестот за корона вирусот и ги пратил на домашно лекување. Денеска се јавиле во болницата во Дебар каде што доаѓа инфектолог од Гостивар, и била поставена индикацијата согласно симптомите коишто се развиле во текот на вчерашниот ден. Земени се брисеви и денеска беа направени тестовите. За време на престојот дома, двајцата пациенти укажуваат дека имале контакт само со братот на жената. Денеска веќе во попладневниве часови се прави интервју од страна на епидемиолозите за да се оцени дали е потребно да биде ставен во изолација и тој човек или и членовите на неговото семејство, - потенцираше министерот Филипче.
Преку Министерството за внатрешни работи веќе се најдени имињата, матичните броеви на сите патници во автобусот којшто влегол на 27 февруари.
- Во овој момент се прави идентификација, се утврдуваат местата на живеење на патниците и веќе од вечерва и во текот на утрешниот ден епидемиолозите, со асистенција на припадници на МВР ќе направат со нив интервјуа и согласно податоците коишто ќе ги дадат, согласно нивната здравствена состојба, анализа на контактите коишто тие ги имале, ќе бидат преземени соодветни мерки , - истакна министерот Филипче.
Вечерва, пациентите ќе бидат пренесени со специјалниот транспорт на Здравствен дом Скопје на Клиниката за инфективни и фебрилни болести каде што дежурната екипа е подготвена да ги пречека.