Спасовски: Да излеземе на гласање, да ја отфрлиме опасноста и да избереме сигурност
СДСМ носи сигурност и ова не е предизборен слоган, туку факт, порача носителот на листата на колаицијата на СДСМ во ИЕ 2, Оливер Спасовски во денешното обраќање пред медиумите на градскиот плоштад во Куманово.

„Денеска слушаме како се договарале да се преврти трактор меѓу Дебарца и Охрид, како се договарала сообраќајка кај Кичево - актуелни носители на листи на ВМРО-ДПМНЕ се тоа. Кошмарот од којшто излеговме пред три години демне шанса да се врати, ете нови потврди за опасноста за којашто зборуваме. Христијан Мицкоски ги постави на листи Александар Николовски, Антонио Милошоски, Владо Мисајловски - кој од кој поистурена рака на криминалецот Груевски“, - рече Спасовски.
Тој апелираше сите да излеземе на гласање, да ја отфрлиме опасноста и да избереме сигурност, бидејќи ова се едни од најспецифичните избори пред коишто сме исправени, поради условите во коишто функционираме.
„Со задршка одиме во продавница, со задршка одиме во банка, во пошта, дури и на работа. Но одиме. Затоа што е во прашање нашата егзистенција. И излегувањето на изборите е една таква потреба. Затоа што се во прашање животот, здравјето, егзистенцијата - наши, на нашите деца, на фамилијата дома и иднината на државата. За да продолжиме да живееме сигурно, во сигурна држава ние едноставно мора да излеземе на гласање и да гласаме за СДСМ и коалицијата Можеме. СДСМ носи сигурност и ова не е предизборен слоган, туку факт“, - додаде Спасовски.
Тој истакна дека сегашната Влада покажала дека може да се справи со здравстено-економската криза, а вработила над 700 лекари и над 1.000 медицински сестри, обновиле 30 болници и ургентни центри - за само три години.
Осврнувајќи се на економските мерки, Спасовски рече дека поделиле домашни платежни картички, бескаматни кредити, ги помогнале бизнисите, ги покачиле платите, пензиите, социјаланата помош, вратиле милиони евра пари кај граѓаните.
„Гласот за СДСМ на овие избори е глас за безбедносна сигурност, за економска сигурност, за егзистенцијална сигурност, за политичка сигурност. Гласот за ВМРО-ДПМНЕ е глас за дестабилизација, хаос и опасност, по сите основи. Сите пророколи за заштита на здравјето на гласачите се донесени и гласањето е безбедно, ве уверувам. Знам дека ќе постапиме одговрно. Ќе излеземе на гласање. Ќе избереме број 3. Коалиција Можеме. За сигурност“, - кажа Спасовски.