Спасовски: Каде и да си за Бадник и Божиќ дома да си
Премиерот на техничката влада Оливер Спасовски, Бадник го прослави со своите сограѓани во Куманово.
На Градскиот плоштад, заедно со останатите граѓани, присуствуваше на традиционалната манифестација која ја организира Здружението на граѓани чувари на традиција „Коледари“.
„Навистина ми е огромна чест и задоволство што денеска сум заедно со своите кумановски и кумановци, токму на еден од најголемите христијански празници Бадник и Божиќ. Ние во Куманово викаме: “Каде и да си за Бадник и Божиќ дома да си“, и навистина е добро што овој ден го поминувам заедно со моите сограѓани. Сакам на сите да им го честитам Бадник и Божиќ, да им посакам да имаат многу здравје, лична и семејна среќа, да имаат духовен мир, сите заедно да направиме се` да се посветиме нашата држава Северна Македонија да напредува, да има развој, младите да ни останат овде, да расте економијата. Тое е мојата желба за 2020 година“, изјави Спасовски.
Премиерот додава дека со задоволство доаѓа и дава поддршка на прославата на Коледари, затоа што оваа манифестација ја одржува и ја пренесува традицијата на идните генерации.
„Од самиот почеток давам поддршка затоа што традицијата и обичаите треба да ги пренесеме на нашите идни генерации, да оставиме на нашите поколенија тоа што претставува наша традиција тоа што е кумановски дух. Сметам дека треба да биде подржана и да се пренесува од колено на колено и сите заедно да го прославуваме Бадник“, истакна Спасовски.
На прославата присуствуваше и министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Трајан Димковски, како и други високи функционери на државни и локални институции и претпријатија.