Реконструкцијата на спортската сала е проект со кој локалната самоуправа се гордее, кажа Димитриевски
Со кошаркарскиот натпревар помеѓу репрезентациите на Македонија и Романија, за претквалификации за Светски куп 2027, утре официјално ќе се стави во употреба реконстуираната спортската сала во Куманово.

Градоначалникот Максим Димитриевски, денеска на прес-конференција, кажа дека реконструкцијата на спортската сала е проект со кој се гордее локалната самоуправа, бидејќи со сопствени средства и посветeнoст, успејалe од заборавен и запуштен објект да создадaт место каде што ќе се играат меѓународни натпревари.
„Дојде и тој момент. Чест и задоволство е да објавам дека утре официјално ќе се отвори за употреба реконструираната спортска сала во Куманово. Добивме потврда од техничкиот надзор за понатамошна употреба, салата ги исполнува сите меѓународни стандарди на ФИБА и по останатите светски федерации за одржување на меѓународни натпревари. Во оваа прилика ги повикувам сите кумановци, кои имаат можност утре на Илинден да дојдат и да го проследат кошаркарскиот натпревар Македонија - Романија. Влезот ќе биде слободен, откако ќе подигнат бесплатен билет на билетарницата на салата“, кажа Димитриевски.
Реконструкцијата на спортската сала траеше 4 години, и досега се потрошени 2,5 милиони евра, обезбедени од Општина Куманови и преку проект на Североситочниот плански регион.
Димитриевски, кажа дека со тие пари се завршени најголем дел од работите, и тоа: поставување на нов кров, изолација, подови, ѕидови, санитарни јазли, електрична, водоводна и фекална инсталација, освелување, семафор, реконструиран теренот за игра, боксерската сала, изградена е стрелана, теретана, соблекувални... Инсталиран е видео надзор во објектот и надвор од него, со цел да се зачува и заштити од уништување. Капацитетот на салата е делумно намален за да ги исполни ФИБА стандардите и ќе изнесува околу 4.000 места само за седење.
„Комплетната реконструкција на објектот според проектната документација изработена во 2018 година требаше да чини околу 6,5 милиони евра. Ние успеавме со двојно помалку средства да ја доведеме работата доовде. Општина Куманово учествуваше со 2 милиони евра, а проектот на Североисточен обезбеди 500.000 евра. Останува уште да се инсталира греење, ладење, проветрување, филтрација, дополнително партнерно уредување, и изградба на фотоволтаичен систем на кровот, бидејќи овие објекти се големи потрошувачи на електрична енергија“, кажа Димитриевски.
За довршување на реконструкцијата потребни се уште 1 милион евра, кои се обезбедени од унгарскиот кредит во висина од 65 милиони денари. Градоначалникот најави дека од следната недела ќе започне постапката за избор на изведувачи и ќе се продолжи со работа.
На свечното пуштање во употреба утре во 19.30 часот ќе присуствува владина делегација предводена од премиерот Христијан Мицковски.