Спортските натпревари ќе се одржуваат без публика, донесени и протоколите за работа во музеи и галерии
Спортски натпревари може да одржуваат, но без публика, одлучи Владата.
„На денешната седница Владата донесе одлука за престанок на важењето на забраната за одржување спортски натпревари во колективните спортови и ја прифати препораката на Комисијата за заразни болести федерациите да го отпочнат организирањето спортски настани со стриктно почитување на упатствата за натпревари без публика и на другите препораки кои се однесуваат на запазување на здравствената безбедност на играчите и останатите вклучени во натпреварите“, соопштуваат од Владата.
Денеска е донесен и протокол за работа на музеи, галерии и изложбени простори, Протоколот за спроведување на мерки за заштита од КОВИД-19 при организација на настани, промотори, рентал компании, видео и аудио продукции и техничка поддршка на овие настани, Протоколот за упис на ученици во јавните ученички домови во учебната 2020/2021 година, Протоколот за работа на танцовите и балетските клубови, Протоколот за вршење на меѓуградски превоз, како и Препораки и упатства за спречување на ширење на КОВИД-19, при влез на македонски и странски државјани во Република Северна Македонија.