Спречување на дискриминација кон ромските деца, проект на НРЦ и Народниот правобранител
Извршниот директор на Национален ромски центар од Куманово Ашмет Елезовски и Народниот правобранител Иџет Мемети потпишаа Меморандум за соработка за имплементирање на проектот „Спречување на дискриминацијата кон ромските деца“.

Целта на Меморандумот е размена на информации и навремено преземање мерки за заштита од дискриминација на ромските деца и нивните семејства, како и поголемо запознавање со институцијата Народен правобранител меѓу Ромите, и нивно информирање и едуцирање за можностите за заштита на нивните права.
„Во последните три-четири години единствено институцијата Народен правобранител многу отворено со аргументи и факти говореше јавно за општата ситуација и за почитувањето на правата на Ромите и на детето. Проектот предвидува средби во институции, средби со граѓани за правата на нивните деца, превземање на конкретни дејствија кон информирање на институциите за решавање на нивните проблеми, почнувајќи од денот на раѓањето на детето, во текот на неговиот развој, запишување во училиште, здравствена заштита, образование и вработување, а со тоа и соодветно домување. Она што сакам да го укажам дека НРЦ со години наназад работи на оваа проблематика, но овој проект ни дава еден дополнителен елан и мотивација, дека можеме вредностите на граѓанинот без оглед на полот и верата, а пред се возраста, да ги унапредиме и да допринесеме да се почитуваат“, - изјави Елезовски.
Тој додава дека во Куманово има голем број на деца кои не се запишани во евиденцијата на матичните служби и не одат на училиште, а за тоа подеднакво се виновни и родителите и институциите.
Според народниот правобранител нема оправдување за појавата на дискриминацијата која постои во општеството и затоа, како што рече потребно е да се работи на сеопфатен системски пристап за сузбивање на оваа негативна појава.
Меморандумот се склучува за период од 20 месеци, односно за времетраење на проектот.