Српска странка со кандидат за градоначалник и советничка листа во Старо Нагоричане
Српска странка во Македонија ќе има свој кандидат за градоначалник и листа на советници на претстојните локални избори во Општина Старо Нагоричане.

Кандидат за градоначалник е Власта Димковиќ, а носител на советничката листа е Дејан Јовчиќ.
Меѓу кандидатите за советници се и: Тања Анѓеловска, Горан Димитриевиќ, Ивица Ристиќ, Сара Петрушевска, Александар Ангеловски, Радица Милковска, Оливера Величковска – Каранфиловска и Милован Цветановски.
„Ние сме единствена партија на Србите со свој кандидат за градоначалник и советничка листа во Старо Нагоричане, која ќе ги застапува интересите на српската заедница во општината. На листата има претставници од сите поголеми села, запазена е родовата и националната еднаквост. Сигурни сме дека ќе ја добиеме поддршката на граѓаните и очекуваме нашиот кандидат да влезе во вториот круг,“ изјави носителот на листата Јовчиќ.
Од партијата најавуваат дека во новиот состав на Советот ќе се залагаат за изградба на инфраструктура во секое село и подобрување на условите за живот во општината. Кампањата ќе ја водат преку непосредни средби со граѓаните – од куќа до куќа.
Српска странка во Македонија на овие избори ќе оди самостојно, откако ја прекина коалицијата со СДСМ.