Српскиот и ромскиот, официјални јазици во Советот

04.05.2010 17:21 | KumanovoNews

 Српскиот и ромскиот јазик од денеска официјално ќе се користат во Советот на Општината Куманово. Одлуката беше донесена на денешната седница со подршка на 31 советник од македонските и албанските партии, освен советникот на ДПА.

Српскиот и ромскиот, официјални јазици во Советот

 Предлогот помина и по Бандентеровиот принцип со гласовите на советниците од ДУИ и Нова Демократија. Иницијативата за воведување на јазиците на помалите етнички заедници во службена употреба во Советот ја поднесе советникот на Српската напредна странка, а го подржаа  советниците на ДПСМ и СДСМ.

Одлуката за воведување на српскиот јазик е историска и значајна за Србите од аспект на зачувување на идентитетот на српскиот народ кој живее во Куманово.Знаеме дека без јазикот нема идентитет, а од поширок аспект ова е потврда дека Куманово има непоколеблива европска и мултиетничка ориентација. Огромното мнозинство на советници јасно го изрази својот став да се сочуваат карактеристики на градот со кој се потврдува дека е лидер во Македонија и пошироко во регионот- вели Ѓорѓе Полиќ од СНС.    

 Советниците на ДПСМ Горан Стојковиќ и Емилија Томиќ, и на СДСМ Александар Арсиќ и Екрем Казимовски не го кријат своето задоволство од одлуката, и сметаат дека во Советот победил разумот и демократијата, а не политиката, со што се потврдил мултиетничкиот карактер и политичката зрелост во Општината.

 Ова што денеска се случи многу значи за граѓаните од ромската заедница, ова е историски момент, бидејќи ни се дава можност да бидеме рамноправно во Советот и да зборуваме на својот мајчин јазик- вели Казимовски.

 Пред донесување на одлуката неколку дена траеа преговорите на партиите во усогласување на ставовите на коалиционите партнери.

Советот уште еднаш докажа дека има потенцијал и капацитет да се надминат сите предрасуди и да надвладее толеранцијата и сите граѓани да се чувствуваат рамноправни во средината каде што живеат без разлика во колкав број се- рече Фериз Дервиши од НД.

Ова е прв случај во државата, српскиот и ромскиот јазик се стават во службена употреба во Советот и локалната самоуправа и покрај тоа што имаат помалку од 20 насто од вкупниот број на население во Општината. Во Советот покрај македонскиот  во официјална употреба се користи и албанскиот јазик.

2008 - 2021 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk