×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • СТАВ: Зошто НЕ сум за субвенции за вработување по етнички клуч и двојазичност во приватниот сектор

    24.09.2020 09:35 | KumanovoNews

    Прво, како либерал, приврзаник сум на пазарната економија и против секакво мешање на државата во слободната размена на пазарот.

    СТАВ: Зошто НЕ сум за субвенции за вработување по етнички клуч и двојазичност во приватниот сектор

    Освен во одредени случаи како што се примерите на заштитата на животната средина и здравјето на луѓето, државата не треба да интервенира и да поставува различни услови кои ги кочат слободните економски текови.

    Барањето на одредени политички партии за субвенции за вработување по етничка основа во приватниот сектор е гол популизам и опасен како по економијата, така и по меѓуетничките односи кои многу лесно се разгоруваат на нашите простори. Истото важи и за предлогот за „двојазичност“ во приватниот сектор. Ова сопствениците на бизниси можат да го сфатат како принуда и присилба од страна на државата и грубо мешање во нивното работење. Како аргумент зошто слободниот пазар е ефикасен во овој случај и државата не смее да интервенира, можеме да го дадеме примерот со многу постоечки бизниси во нашата земја, кои без никаква принуда имаат вработени од повеќе етнички заедници и нудат услуги и производи на повеќе јазици, што секако ги прави поконкурентни на пазарот. Таков пример се таблите на грчки јазик во Гевгелија. Исто така во Куманово каде што живеам, голем дел мали и средни бизниси веќе имаат табли за попусти и понуди на македонски и албански јазик (дури и англиски), иако никој не ги принудува на тоа.

    Второ, ѝ како припадник на помала етничка заедница сум против субвенции по етнички клуч. Дали истата мерка би значела дека припадниците на немнозинските етнички заедници се помалку способни и неконкурентни на пазарот на труд? Воопшто не е така. Доколку сакаме да градиме граѓанска држава со еднакви шанси за сите (а не држава поделена на националности), тогаш треба да заборавиме на овие поделби, особено во делот на економијата каде што секоја индивидуа ќе биде ценета според својата стручна подготвеност.

    Трето, државата како инструмент на присилба треба да се грижи за владеење на правото, заштита на човековите права и фунционална јавна администрација кои се предуслов за функционирање на едно општество и економија. Одредени инструменти на афирмативна акција (позитивна дискриминација) се оправдани во некои јавни дејности, но со истите треба да се биде претпазлив, да бидат исклучок, а не правило и со тек на времето да исчезнат кога ќе ја постигнат целта. Во овој дел би додал само дека треба конечно да се заврши и со вработување во јавната администрација врз основа на етнички клуч (кој е повеќе етничко-партиски, но за ова во друга прилика).

    И за крај, доколку сакаме да имаме вистинска кохезија, еднакви шанси и слободни граѓани, не треба да градиме политики врз основа на етнички клуч и поделби, туку да создадеме услови за развиена пазарна економија во која сите ќе се пронајдат без оглед на различностите.

    Таљат Агуш

    (магистер по правни науки со положен правосуден испит и вработен во приватниот сектор како застапник за заштита на правата од интелектуална сопственост)