Стефан Тошиќ-првенец на генерација во Tехничкото училиште: Мојот сон е да работам во светска ИТ компанија, а потоа знањето да го применам дома
Додека светот живее во време на пандемија на коронавирус, луѓето се во паника, научниците бараат начини за да се справат со вирусот, а државите преземаат драстични мерки, околу нас се случуваат и убави работи. Оваа година Стефан Тошиќ (19) е прогласен за ученик на генерација во Техничкото училиште „Наце Буѓони"- Куманово.

Како одличен ученик со просек 5,00 во текот на четригодишното образование во струката електротехничар за компјутерска техника и автоматика, со освоени бројни општински и државни награди, ова амбициозно момче се пласираше меѓу најдобрите и го доби признието првенец на генерацијата.
„Имам учествувано на повеќе натпревари по предметите математика и информатика каде што имам освојувано награди, а по стручните се имам натпреварувано по предметите дигитални системи, автоматика, и програмирање. Во трета година учествував на Државен натпревар на електротехнички, машински и сообраќајни училишта каде се натпреварував за мојата насока електротехничар за КТА каде освоив трето место. IV година освоив второ место на Државен натпревар „Лидер на струка” за насока Електротехничар за КТА. Во текот на подготовките за моите натпревари имав голема поддршка од моите професори по стручни предмети и во оваа прилика би сакал да ги поздравам и да им искажам голема благодарност", додава Тошиќ.
Своите компјутерски вештини започнал да ги развива уште од најмала возраст, откако почнал „ненамерно" да го расипува компјутерот, а потоа да седи до утринските часови за да го поправи.
„Љубовта кон компјутерите и воопшто кон информатиката ја добив уште од најрана возраст од 4 години, кога моите родители за првпат купија компјутер. Кога малку пораснав сметајќи дека разбирам нешто, многупати го расипував компјутерот, па за да не забележат моите дома седев некогаш и до рано наутро за да го поправам. Така научив многу работи кои понатаму ми беа корисни. Со програмирање првпат се сретнав во осмо одделение, кога се запишав на секција по информатика", ни раскажува низ насмевка првенецот на генерацијата.
Со својата посветеност кон компјутерската техника и со бројни признанија, тој го афирмираше не само училиштето, туку и нашиот град.
Понатамошното образование, Стефан ќе го продолжи како студент на Факултетот за информатичи науки и компјутерско инженерство во Скопје. Неговиот професионален сон е на почетокот да работи во некоја голема компанија во странство, а потоа искуството да го пренесе во нашата држава.
„Моето понатамошно образование планирам да го продолжам на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) на Универзитетот „Кирил и Методиј” во Скопје. Во иднина се гледам како вработен во ИТ секторот и тоа или како софтверски инженер, мрежен администратор, дата инженер или систем аналититичар. Би сакал прво да работам во странство каде што би стекнал искуство, а потоа да се вратам и да работам во некоја домашна компанија", вели тој.
Смета дека го направил правилниот избор на училиштето, но и на струката, којашто во моментот е најбараната на пазарот на трудот. Голем дел од заслугата за неговиот успех ја препишува и на стручноста на неговите професори.
„Во текот на моето средношколско образование стекнав значајно практично и теоретско знаење во областите на електротехника, дигитална електроника, автоматика и информатика. За тоа голема заслуга имаат моите наставници кои несебично ми го пренесуваа своето знаење. Училиштето располага со кабинети во кои се изведува практична настава од обласите на електротехника, електроника, машинство, автоматика и медицина. Сметам дека запишување во нашето стручно училиште предност е тоа што учениците имаат можност да стекнат практични познавања од горенаведените струки. Сите овие струки се многу барани на пазарот на трудот и еден млад човек многу полесно може да најде работа доколку заврши стручно училиште", објаснува Тошиќ.
Иако пандемијата со коронавирусот им го одзема славењето на матурската вечер, сепак неговото сеќавање за четиригодишното образование во кое со нивниот класен раководител Марјан Спасиќ биле како едно големо семејство, останува.
„Она по што најмногу ќе го паметам средното образование е по моите пријатели. По големиот број на шеги што ги правевме во текот на школувањето. Па сепак за жал, поради вонредната состојба ние сме единствената генерација која не успеа достоинствено да ја прослави матурската вечер, заедно со своите професори", вели тој.
Стефан, иако изучува информатички науки, сепак смета дека вештачката интелигенција никогаш нема да може да надвладее над човечката.
„Модерната технологија се покажа како добар слуга на човекот, но и како опасен господар низ нашиот секојдневен живот. Ако ја користиме како оружје може да биде фатална по нас, но ако ја користиме како алатка за полесен живот може да ни помогне. Како и се' друго во светот, модерната технологија си има и свои позитивни, но и свои лоши страни", завршува тој.
(Фросина Марковска)