Тргнуваме од нула, но со истата верба во успех на 2 ноември, порача Стојковски
„Нашиот успех е резултат на искрена и посветена работа на креативни луѓе кои сакаат да направат промена за подобар живот на нашите сограѓани.

Да имаме чист, функционален и уреден град кој ќе биде безбеден — град на културата и град на спортот“, изјави кандидатот за градоначалник на Куманово, Горан Стојковски – Диро, по првиот изборен круг.
Стојковски во трката влегол како независен кандидат, верувајќи во успехот, а во вториот круг очекува сигурна победа и нов почеток за градот.
Кампањата за вториот круг, како што најави, ќе ја води на терен, преку директен контакт со граѓаните и поблиско претставување на својата програма со која ќе бара поддршка.
„Тргнуваме од нула. Многу луѓе кои нè препознаа ќе нè запознаат уште подобро, и очекувам повторно добар резултат на 2 ноември. Очекувам поддршка од сите граѓани кои со своето гласање сакаат промени во градот. Со политичките партии кои сакаат да бидат наши партнери во реализацијата на програмата ќе разговараме за понатамошна соработка. Уште од почеток кажав дека сме отворени за соработка со сите – не ни е важно кој ќе биде претседател на Советот или кое мнозинство ќе го формира, нашиот единствен услов е да работиме за промени во Куманово. Засега немаме разговарано за коалиции“, рече Стојковски.
На локалните избори, Горан Стојковски – Диро освои 5.946 гласа и ќе се соочи во вториот круг со Максим Димитриевски, кој освои 16.183 гласа.