Сообраќајниот хаос е резултат на популистички и евтини решенија на поединци, кажа Стојковски
Независниот кандидат за градоначалник на Куманово, Горан Стојковски - Диро, смета дека сообраќајниот хаос во градот е резултат на лошите сообраќајни решенија, како и парцијалното наплаќање на паркинг услугата во градот.
„Сообраќајниот хаос е резултат на популистички и евтини решенија. Наместо да имаме семафори на влезовите во градот кои ќе го регулираат протокот на возила, ние имаме кружни текови кои го забрзуваат влегувањето, кон семафори кои не работат веќе осум години. Затоа се создава хаос, бидејќи решенијата не ги носат стручни сообраќајни инженери, туку поединци кои се на власт без консултација со фелата“, изјави Стојковски.
Тој посочи дека моменталниот систем на парцијално наплаќање на паркинг места, на одалеченост од само 100 метри, е нелогичен и неправеден. Според него, додека не се воведе еднаков систем на наплата за сите граѓани, нема да има резултати во справувањето со сообраќајниот метеж.
Стојковски најави и изградба на катни гаражи како трајно решение за проблемот со паркирањето.
„Според Деталниот урбанистички план, предвидена е изградба на катна гаража зад Пивница, а има можност и за изградба на уште една зад Основниот суд. Дополнително, мора да се изградат катни гаражи и на периферијата на градот“, рече Стојковски.
Тој додаде дека само со создавање на функционален и правичен систем може да се спречи иселувањето на младите и да се создадат подобри услови за живот во Куманово.








