Мени

Странските возачи ќе ги плаќаат казните онлајн откако се создадоа гужви на „Табановце“

21.08.2026 10:58 | Сузана Николиќ

Министерството за внатрешни работи стави во функција веб апликацијата со мобилен интерфејс „Безбеден град“, која е наменета за сопствениците на возила со странски регистарски таблички. 

Странските возачи ќе ги плаќаат казните онлајн откако се создадоа гужви на „Табановце“

Апликцијата е воведена откако изминатите два дена се создаде хаос на граничниот премина “Табановце“, заради плаќање на казните за сторен сообраќаен прекршок на патиштата низ земјава.

Од МВР информираат дека преку апликацијата странските државјани ќе можат едноставно и директно да добијат информации за сообраќајните прекршоци евидентирани со системот „Безбеден град“, да имаат увид во издадените прекршочни платни налози, како и да ги подмират глобите по електронски пат.

„При логирањето, потребно е возачот да ја слика или скенира својата патната исправа и да ја внесе регистрацијата на возилото или возилата кои тој ги користи во нашата држава. На овој начин, странските возачи кои со своите возила ќе бидат евидентирани дека сториле сообраќаен прекршок на територијата на целата држава, ќе можат навремено и едноставно да се информираат и да ја регулираат својата обврска, без потреба од дополнително задржување на граничните премини“, велат од МВР и додаваат дека апликацијата  претставува значаен чекор во дигитализацијата на услугите поврзани со системот „Безбеден град“.

Во изминатите два дена на граничниот премин Табановце, за излез од државата се создадоа километарски колони и гужви на границата, затоа што започна наплатата на казните за сообраќајни прекршоци од системот „Безбеден град“. Возачите, кои транзитираат низ Македонија се жалеа дека потфрлила организацијата околу воведувањето на новата обврска, поради што чекаат со саати на високите температури.

Од МВР пак, се првдаа дека станува збор за прв ден од примената на овој механизам, при што се опфаќаат и претходно евидентираните прекршоци. 

Линк на апликацијата е: https://safecountry.mvr.gov.mk/