Табановчани се жалат на мигрантите
Мигрантите ја собраа летнината во пограничното село Табановце.

Жителите се жалат дека илјадниците мигранти кои секојдневно поминуваат низ нивното поле им ги обраа овоштарниците, бавчите и лозјата додека транзитираат кон Србија.
Одат во нивите и во полето и берат се што ќе им дојде при рака за храна. Над селото имамe лозјa со комшијата, по 50-100 души влегуваат и си берат се што е зрело. Најдов кеси со грозје. И тие си имаат мака, ама ни прават штета - раскажува Зоран Митровиќ.
Селаните се загрижени и за својата безбедност и бараат поголемо присуство на полицијата, бидејќи дел од мигрантите се агресивни. Тие тврдат дека воопшто не можат да спијат од нив.
Миев садови и видов дека доаѓа човек. Без маица, агресивно делуваше, седна под дрвото во дворот и почна нешто да си зборува. Почна да ме фаќа страв. Фрли една кеса и детето отиде да види што има во неа, тогаш тој трчајќи дојде до влезна врата и со сила сакаше да влезе. Почна да тропа по прозорци, ќерка ми почна да плаче. Полиција слушнала дека гласно плачеме, девер ми и полицаец го фатија за раце, го тргнаа“- вели Надежда Тасиќ, која живее во последната куќа во селото Табановце на границата со Србија.
И останатите жители кажуваат дека не се чувствуваат безбедно во селото и дека под клуч ги држат куќите и помошните простории, бидејќи не знаат кој може да им се всели во текот на ноќтта. Истотака се жалат дека мигрантите им го извалкале селото фрлајќи отпадоци на сите страни и вршејќи нужда кај ќе стигнат.
Големи групи мигранти денеска се движеа на потегот меѓу селата Табановце и Лојане, кои се обидуваа да ја помината македонско-српската граница.