×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Танцот за време на карантин

    13.04.2020 10:59 | KumanovoNews

     Музиката и танцот се речиси составен дел на сечиj живот. Насекаде околу нас гледаме деца, млади со слушалки во ушите, на улица, во автобус, во автомобил, во паркот, на кејот, едноставно животот е музика и танц.

    Танцот за време на карантин

    Нема музика која не допрела до нечие срце, до нечија душа, а да не предизвика трепет на телото, кој како морници ја вибрира секоја клетка во нас предизвикувајќи благо нишање на главата, рацете, нозете....  Музиката е феномен кој на различни начини се проткајува во секојдневниот живот на човекот, било да е сфатена како забава, уживање, професија и заедно сo танцот како универзален јазик се терапија на телото и умот. Децата ги раснеме со музика и танц, им вливаме позитивна енергија која се рефлектира низ нивната секојдневна социјализација во околината. Таа секојдневна рутина одеднаш ни е ускратена од природата, која како да се поигра со нас. Сфативме колку сме мали во однос на било кој жив организам во природата. Ни даде знак дека треба да застанеме, да ги согледаме вистинските вредности на животот. Сите планови, сите идеи, сите започнати работи наидоа на затворена врата, карантин.                                                                                         

    Почетокот беше шок за телото и умот, танцот бара слобода на движење и креативно изразување низ просторот кој го немавме. Чувствував дека нема простор за дишење, движење , а не пак за танцување. Мојата секојдневна рутина, ученици, образование и танц наеднаш застана, а со тоа застана и мојата енергија која постојано ме воздигаше кон нови искуства. Децата на почетокот не беа ни свесни дека нашата непрекината врска одеднаш се скина. Ми недостигаше џагорот во салата, гласната музика, насмевките, прегратките на децата, резултатот кој секојдневно го гледав кај нив, напредокот, солзите, потта која се проливаше со часови, болките кои заедно ги живеевме, патувањата, среќата кога ќе се качеа на пиедесталот, кога во нивните очи ќе блеснеше сјајот кој ми велеше - Благодарам !  Се` како да беше во некој филм кој застана на пауза. Сфатив дека морам да ја продолжам мојата мисија, да ја вратам енергијата првин во себе, а потоа кај моите ученици. Почнавме секојдневно да контактираме да споделуваме искуства и да ги бараме добрите страни од оваа ситуација. Прво беше забава, а потоа ја вратив секојдневната рутина кај нив. Секој ден гледав како продолжија по патот по кој ги учев, работат на себе, за себе и за целиот тим. Желбата е тука, а напредокот е видлив. Со нетрпение го чекам денот кога повторно ќе ги изгушкам и повторно ќе танцуваме заедно. Нашите планови и идеи ќе ги реализираме заедно, на сцена за нашата публика која верувам како и секогаш со нетрпение не чека. Сакам да споделам само мал дел од сликите на кои се гледа позитивната енергија на моите деца, енергијата која жари во салата и на сцената.

    А вие, драга публико, останете дома, останете здрави и танцувајте!

    м-р Мерлин Стојановска - Денс Студио МАК од Куманово