×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Технички проблеми и експропријација го кочат проектот за канализација зад поранешен „Киро Фетак“

    29.03.2024 09:33 | Оливера Пешевска

    Општина Куманово, преку Секторот за комунални работи започнала постапка за изработка на проектна документација за изградба на канализациска мрежа на улиците „Петар Драпшин“ и „Драги Шутевски“, каде сега течат фекалии низ отворен канал, покрај автопатот и градинката „Буба Мара“ на влезот во Куманово. 

    Технички проблеми и експропријација го кочат проектот за канализација зад поранешен „Киро Фетак“

    Барањето за изработка на проeктот е доставено до ЈП „Куманово-план“ и ЈП „Водовод“, кои велат дека поради технички проблеми и не изршена експропријација на земјиштето каде треба да помине мрежата,  се одолговлекува процесот.

    „Пет пати е извршен увид на теренот на улиците „Петар Драпшин“ и „Драги Шутевски“. Констатиравме дека таму има остар пад за да се приклучат тие неколку куќи на канализационата мрежа на улицата „Благоја Илиевски Гуне“ и потисокот ќе биде многу поголем од капацитетите. Димензионираната цевка е мала и може да ја загрози целата населба „Тоде Мендол“, што значи дека кај објектите на пониски точки може да дојде до излевање“, изјави техничкиот директор на „Куманово- план“, Иван Николовски, кој додава дека работат на решавање на проблемот.

    И од ЈП „Водовод“ посочуваат дека работат на проектот, но и дека имаат проблеми кои не зависат од нив.

    „Барањето од страна на општинските служби е доставено, и се работи на проектната документација. Најголем проблем тука се нерешените имотно правни односи, трасата поминува на приватен имот. Тоа е прашање кое мора општината да го реши за да можеме ние да интервенираме кога ќе ни бидат обезбедени сите дозволи“, истакна директорот Оливер Стојмановски.

    Проблемот со отворениот канал на фекалната канализација се создаде поради тоа што неколку куќи на улиците „Петар Драпшин“ и „Драги Шутевски“ не се приклучени на мрежата, а дополнително од левата страна на влезот во Куманово, се изгради дива „населба“, без потребната инфраструктура.

    Сопствениците ископале канал во кој се слеваат фекалиите од нивните домови. Ова претставува сериозна закана по здравјето на сите кои живеат или работат во близина на каналот.

    Граѓаните кои се засегнати велат дека Општината треба да им наложи на сопствениците на новите куќи да изградат септички јами и да ја спречат заразата, додека не се изгради канализациската мрежа. 

    „Се работи за потег околу автопат, и тука никогаш нема да се дозволи да се работи под веќе изградена и многу значајна сообраќајница. Се поставува прашањето како е дозволена изградба на толку дивоградби. Тоа е работа за општинските служби, секоторот за урбанизам, комунални работи и инспекциски надзор“, вели граѓанин.

    Жителите на „Петар Драпшин“ и „Драги Шутевски“ веќе три години бараат од општинските служби да се приклучат на канализациската мрежа, а во програмата за 2021 година биле предвидена изработка на техничка документација за изградба на фекална канализација на овие две улици.

    И во програмата за 2024 година е предвиден проект за изградба на какализација во должина од 588 метри, од улицата „Петар Драпшин“ до градинката и дел од улица „Драги Шутевски“, како и експропријација на земјиштето.