Мени

Третина од угостителските објекти во градот немаат дозвола за летни тераси

03.10.2019 08:09 | KumanovoNews

25 угостителски објекти во градот немаат дозвола за поставување на урбана опрема на привата и јавна површина. Од вкупно 70 колку што поднеле барање до Сектор за комунална инфраструктура и животна средина, само 45 ги исполниле условите, додека на останатите се одбиени.

Третина од угостителските објекти во градот немаат дозвола за летни тераси

Советникот Благојче Јакимовиќ на последната седница на Советот ги праша надлежните служби дали се исплатат направените измени и усогласување на одлуката за поставување на урбана опрема што минатата година ги направи Општина Куманово.

„Колку од угостителските објекти имаат поднесено и добиено одобрение за урбана опрема и колку средства по тој основ се соберени до сега“, - изјави Јакимовиќ.

Раководителката на Секторот за комунална инфраструктура и животна средина,  Лидија Ланг Спасовска, одговори дека до нив пристигнале околу 70 барања за поставување на урбана опрема.

„Од страна на секторот одобрени се 45 и по истиот основ се приберени 6 милиони денари. За сите угостителски објекти кои немаат добеиено одобрение се водат постапки во Секторот за инспекциски надзор“, - информираше Ланг Спасовска.

Јакимовиќ побара сите угостителски објекти кои немаат дозвола урбаната опрема да биде отстранета од зелените површини.

Одлука за унифицирање на времените објекти и урбаната опрема на територијата на Општина Куманово беше донесена во јули минатата година со цел да се среди хаосот со дивите објекти, па наместо најлони и пластики се наложи да се постават настрешници од стакло кои ќе бидат монтажни, со цел да се натераат закупците да плаќаат за узурпираниот простор и со тоа да се полни општинската каса. Дотогаш од 74 угостителски објекти само 6 плаќале надомест за користење на јавна површина за што во општинската каса се слевале симболични средства од 1 милион денари.