Третиот Mеѓународен фолклорен фестивал ќе се одржи од 19 до 22 јули во Куманово
При крај се подготовките за третиот Меѓународен фолклорен фестивал Куманово, кој ќе се оддржи од 19 до 22 јули на платото пред Центарот за култура во Куманово.

Оваа година ќе има четири фестивалски вечери, а ќе настапат вкупно 11 ансамбли од земјава и странство. Својот фолклор пред кумановската публика ќе го претстават гостите од: Мексико, Грузија, Полска, Србија и Бугарија, како и ансамбли од Скопје, Кратово и домаќините од Куманово.
„Фестивалот ќе започне на 19 јули во попладневните часови со дефиле низ градските улици, кое ќе заврши на Градскиот плоштад во 19 часот. Свеченото отворање ќе биде во 19.30 часот пред Центарот за култура, каде ќе биде поставена професионална бина. Оваа година имаме извонреден избор на гости и верувам дека публиката ќе ужива во разновидната понуда и програмата. Ги повикуваме сите граѓани кои го сакаат фолклорот да дојдат и да уживаат во сите 4 вечери, и да заборават на секојдневните проблеми“, изјави Мирче Крстевски, претседател на организациониот одбор на фестивалот.
На фестивалот се очекува присуство на министерката за култура, а поканети се и премиерот, претседателот, пратеници и амбасдори на земјите учесници.
Фестивалот засега има финансиска поддршка само од Општина Куманово, но организаторите се надеваат дека ќе добијат средства и од државата и спонзори, со цел да се задржи нивото на оваа меѓународна манифестација.