Триесет дена притвор за лицето што го уби момчето на свадба во Липково
Судија од Основниот суд Куманово му одреди 30 дена притвор на А.Ш.(63) од с.Липково, кој го застрела момчето на свадбена веселба.
Тој ќе одговара за сторени две кривични дела и тоа убиство и неовластено поседување на оружје.
„Основното јавно обвинителство Куманово донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против осомничениот за сторени две кривични дела и тоа Убиство од член 123 став 1 и Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачи материи од член 396 став 1 од Кривичниот законик.Надлежниот јавен обвинител ценеше дека се исполнети законските основи, па до Основниот суд Куманово достави предлог за определување на мерката притвор за осомничениот. Предлогот беше прифатен од страна на судот, кој со Решение на осомничениот му определи притвор во времетраење од триесет дена, стои во соопштението на ОЈО.
А.Ш. на 25 јули во 22.45 минути, додека присуствувал на свадбена веселба, извадил од појас пиштол марка SMIT I VESON и со умисла испукал еден куршум со кој го погодил сега починатиот Б.Х.(19), државјанин на Република Германија.
Повредениот во критична состојба со прострелна рана во пределот на левата страна на градниот кош во 23.30 часот е донесен во Кумановската болница, каде од задобиените повреди починал.
По наредба на Основно јавно обвинителство Куманово телото на починатиот е предадено на Институт за судска медицина за обдукција.