Размена на ученици од Куманово и Чачак преку проектот „Суперучилишта 2025“
Ученици и професори од Угостителско-прехранбеното училиште во Чачак, Република Србија, минатата недела беа во посета на Државното средно училиште – Регионален центар за стручно образование и обука „Киро Бурназ“ од Куманово, како дел од проектот „Суперучилишта“, чија цел е продлабочување на соработката меѓу двете образовни институции. Координатори на проектот се раководителот на Секторот за вмрежување и меѓународна соработка, Зоран Апостоловски, и наставникот Стефан Бранковиќ.
„Оваа година проектот се фокусира на помирување, градење мир и меѓукултурен дијалог, користејќи ја храната како универзален поврзувач. Под темата Споделување оброк – обликување на иднината, учениците ја истражуваа културата, историјата и идентитетот на народите од Балканот преку кулинарските традиции“, истакнува Апостоловски.
Првата размена се одржа од 24 до 29 ноември 2025 година, а во проектот учествуваа по 15 ученици и 2 наставника од двете училишта.
„Активностите вклучуваа меѓукултурни работилници за готвење, кругови за раскажување приказни, креирање рецепти, теренски посети и заеднички проекти, меѓу кои и дигиталната готвачка книга Вкусот на Балканот. Исто така, учениците имаа можност да присуствуваат на работилници за личен и социјален идентитет, активно и емпатично слушање и говорење, стилови на решавање конфликти, како и на квизови од областа на кулинарството, историјата, географијата и социјалниот живот на регионот“, додава Апостоловски.

Покрај задолжителните активности, учениците имаа можност да се запознаат, да разменат искуства и да стекнат нови пријателства со своите врсници од Србија. Настанот помина во извонредно позитивна атмосфера, на големо задоволство на сите учесници, и претставува значајна промоција на младинското лидерство и на моделирањето на соживотот низ почитување на различностите.
Проектот „Суперучилишта“ е финансиран и поддржан од Регионалната канцеларија за младинска соработка на Западен Балкан (RYCO).