Училиштето „Христијан Карпош“ во Младо Нагоричане го прослави патронатот
Основното училиште „Христијан Карпош“ од село Младо Нагоричане, денеска го одбележа патрониот празник и 76 - годишнината од загинувањето на козјачкиот херој.

По тој повод беше организирана приредба со богата културно-уметничка програма, а на присутните им се обрати директорката Марија Додевска.
- Овој ден го посветуваме на нашиот патрон по чии стапки силно чекорат нашите ученици, подготвени да се соочат со новите предизвици што ги носи секојдневието. Карпош е македонски борец, стратег и командант на големите борбени единици, легенда не само за Карадак и Козјак, туку и пошироко, го дал животот за слобода на својата земја, за нашата татковина. Иако сме училиште во рурална општина нашите ученици постигнуваат извонредни резултати на сите почиња, кои се вредни за сечија почит. Добитници сме на многубројни награди и признанија, на регионално и национално ниво, кои покажуваат дека со посветена работа и несебично залагање успехот е неминовен и во мали средини како што е нашата. Затоа, овој ден ни е особено значаен, го одбележуваме под мотото „Од век-на век, од нас за Вас – Христијан Карпош – засекогаш!“, со што испраќаме порака дека Карпош е наш идол, учител и вечен херој во детските срца, - рече директорката Додевска.
По повод патрониот празник во текот на целата недела беа спроведени низа активности, меѓу кои литературно читање, натпревар во шах, пикадо, ликовна работилница и друго.
На денешната приредбата присуствуваа голем број гости, меѓу кои градоначалничката на Општина Старо Нагоричане Жаклина Јовановска, советници од Советот на Општина Старо Нагоричане, директори на училиштата, родители и ученици.
Во основното училиште „Христијан Карпош“ , заедно со подрачните училишта во селата Бајловце, Облавце и мала Ѓорговци наставата ја посетуваат вкупно 127 ученици.