×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Угостителите побараа поддршка од пратениците за да ги зачуваат работните места

    06.04.2021 18:22 | KumanovoNews

    Членовите на Здружението на угостители „Бисер“ од Куманово денеска се сретнаа со дел од пратениците и претставниците на локалната власт, при што побараа поддршка за надминување на тешката економска состојба во која се наоѓаат веќе една година поради коронакризата.

    Угостителите побараа поддршка од пратениците за да ги зачуваат работните места

    Претседателот на здружението Тони Димитриевски, апелираше од народните претставници да помогнат да се одблокира Собранието, да се донесе петиот пакет на економски мерки и итно да се додели посебна финансиска помош за секторот, за да се зачуваат работните места.

    „Ние добивме одредена помош, но тоа беше главно во бескаматни кредити кои мораме да ги враќаме. Повеќе од една година не работат рестораните за свадби, а колегите имаат трошоци и мораат да ги плаќаат сите давачки кон државата. Секогаш кога се носат рестриктивни мерки, ние сме први на удар. Така е и сега, ние од утре нема да работиме. Иако имаше ветувања дека ќе добиеме поголем помош, ништо од тоа не се реализираше. Бараме да се најде политичка волја и да се изгласа законот, затоа што сите сме на крај на силите и размислуваме да затвориме. Нашата работа е поврзана со другите дејности, ако ние работиме ќе работат и винариите, месната индустрија, млекарниците, земјоделството, текстилната индустрија итн. Вака сите пропаѓаме. Се обративме до Владата, а тие не упатија на пратениците, бидејќи од вас зависи кога ќе се изгласат мерките. Затоа бараме и апелираме што поскоро да ни помогнете“, рече претседателот Димитриевски.

    Барањата на угостителите ги слушнаа само пратениците Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ и Иљми Азири од Алијансата на Албанците, додека пратениците на СДСМ Мартин Костовски и Лидија Тасевска, Иван Стоиљковиќ од ДПСМ, Арбер Адеми од ДУИ, кои биле поканети не дојдоа на средбата.

    Пратеникот Петрушевски, рече дека како опозиција даваат целосна поддршка за донесувањето на пакетот економски мерки, но нагласи дека тоа не зависи од нив, туку власта. Побара од сите пратеници независно од која политичка партија се, од позиција или опозицијата да лобираат за помош на најзагрозените дејности во својот град.

    „Сметам дека е потребно да направиме кумановска лоби група, во која ќе земат учество сите претставници на законодавната и извршната власт кои се од Куманово, да се обединиме да дадеме поддршка на угостителите, туристичките работници, теретаните, фитнес центрите, студиата... Можеме да предложиме и да поддржиме посебен закон за помош на најпогодените групи на стопанственици. Ако тоа можеа да го направат некои наши колеги од други делови на државата и да обезбедат помош за тутунарите, лозарите, зошто да не го направиме истото и ние за угостителите“, кажа Петрушевски.

    Пратеникот Иљми Азири од Алијансата на Албанците, партија која го кочи донесувањето на петиот пакет на екононски мерки со ултиматумот прво да се донесе Законот за државјанство, се правдаше дека вината е кај власта, затоа што законот оди во редовна, наместо по скратена постапка, а не го ставиле на дневен ред ни кога се носеше Законот за попис и измените на Изборниот законик.

    „Одговорноста е нивна да ги изгласа мерките, бидејќи нас никој за ништо не не консултира. Се надевам дека до крајот на неделата ќе има некое придвижување на работите и ќе се најде решение. Јас ќе ги пренесам вашите барања и ќе кажам дека имаме притисок од угостителите во целата земја да се реши проблемот“,  рече Азири.

    Градоначалникот Максим Димитриевски и претседателката на Советот Атина Мургашанска, кажаа дека тие во нивните законски можности веќе помогнале угостителите да не плаќаат закуп за јавна површина, а намалена беше и фирмарината за минатата година. Најавија дека ќе предложат и дополнителни мерки како што се ослободување од плаќање на смет и закуп на општински деловен простор, додека трае забраната за работа.

    Угостители кажаа дека не бараат милостина туку она што им следува од државата, реципроцитет меѓу рестрикциите и финансиската помош. Доколу тоа не се случи без основни приходи ќе останат околу 30.000 граѓани кои работат во овој сектор во државата.

    (С.Н.)