Уште еден автомобил пропадна во дупка на улица
Уште еден автомобил пропадна во дупка на улицата „11 Октомври“ во близина на Кумановската болница.

Возачот додека излегувал од својот двор за да вклучи на улица со предниот дел од возилото пропаднал во каналот. Граѓаните се жалат дека ги искршија автомобилите по раскопаните улици, а и движењето е многу опасно, бидејќи улицата е стеснета па возилата едвај се разминуваат. Луѓе од соседните згради и куќи велат дека цело лето се задушија во прашина, бидејќи работите се одвиваат многу бавно.
Сепак, најголем проблем за возачите е затворањето на дел од улицата на излезот од градот. Сообраќајот е пренасочен на семафорите поради што се создава голема гужва, па многу често несовесни возачи не сакајќи да чекаат во долгата колона претекнуваат на самата кривина пред раскрсницата и влегуваат во спротивната коловозна лента за да се вклучат на булеварот на „Трета МУБ“.
Од општина Куманово признаваат дека проектот за изградба и реконструкција на канализационата мрежа во градот се реализира споро, но се правдаат дека тоа е одговорност на изведувачот на работите фирмата „Жикол“. Дополнителено ги пролонгирала работите пукната водоводна цевка.
„ Улицата досега ќе беше асфалтирана, но пред два дена имаше дефект на поголема водоводна цевка, која направила оштетување на основата на улицата на раскрсницата од „11 Октомври“ кон Монопол. Треба да се изврши санација на тој дел, бидејќи земјиштето пропаднало и има голема дупка, а беше во завршна фаза за асфалтирање. Момнетално се работи на проблемот и во наредните денови ќе се асфалтира улицата“, - изјави градоначалникот Зоран Дамјановски.
Тој вели дека до крајот на октомври ќе бидат асфалтирани 13.000 квадратни метри на патна инфраструктура каде што е извршена реконструкција на канализационата мрежа од ИПА проектот што е обврска на изведувачот.