ВМРО-ДПМНЕ: Владата да преземе сериозни мерки за помош на стопанството
Неефикасните и задоцнети мерки на Владата за справување со коронавирусот, придонесоа голем број на кумановци да го изгубат своето работно место, а угостителските објекти да се доведат до работ на егзистенцијата, додека Владата „танцува“ со коронавирусот, рече на денешната прес-конференција портпаролот на ОК ВМРО-ДПМНЕ Куманово, Милан Давидовиќ.

Тој потенцираше дека Владата наместо да размислува само за изборната кампања, дека треба да се насочи кон сериозно решавање на корона кризата и да преземе мерки во однос на прашањето за стопанството, да се продолжат пакетите за помош и во месец јули и август. Сериозно да ги разгледа барањата на угостителските работници и да ја разгледа можноста да се дозволи почеток на работа на сите дејности кои сѐ уште се под забрана, a одлуката да биде согласна на здравствените лица.
„Заев, Спасовски и Владата предводена од СДСМ, колку и да се трудат да ја убедат јавноста дека блескаме, и со скапо платена кампања да се обидат да создадат перцепција дека економијата е со добри показатели, за жал вистината е сосема спротивна.Фактите кажуваат дека согласно Државниот завод за статистика, во вториот квартал од 2020 година, БДП има пад од 12.7 %. Странските директни инвестиции се на ниво од само 137 милиони евра, од кои 80 милиони се реинвестиција, без притоа да се отвори ниту една нова фабрика во зоните последниве неколку години. Македонија во континуитет ја губи битката за привлекување на странски инвестиции, а економските политики на Владата одат во прилог само на соседните држави. Имаме драматично намалување на извозот, каде во месец април има пад од 60%. Имаме катастрофално низок раст на македонската економија од само 0,2 % , додека паралелно Србија има со раст од 5%, Бугарија од 1,2% . Поразителна е ситуацијата во реалниот сектор, каде над 15 000 луѓе во последните три месеци го имаат изгубено своето работно место“, рече Давидовиќ.
(Ф.Марковска)