Велосипедска трка во четврток ќе ги затвори за сообраќај улиците во центарот на градот
Поради одржување на велосипедска трка во организација на Европски олимписки младински фестивал Скопје 2025, во четврток ќе бидат затворени за сообраќај повеќе улици во централното градско подрачје, како и регионалните патишта околу градот и кон оптина Старо Нагоричане.

Сектор за култура, спорт, социјална заштита, заштита на децата и здравствена заштита при Општина Куманово, ги известува граѓаните дека во четврток на 24 јули, за сообраќај ќе бидат затворени следниве улици во општина Куманово:
– ул.„Гоце Делчев“ – од крстосница со улиците „Доне Божинов“ и „11 Октомври“ до крстосница со кружен тек на булевар „Трета МУБ“ и ул.„Бајрам Шабани“ (цело време додека трае настанот);
– Булевар „„Трета МУБ“ – од крстосница со кружен тек (наведена погоре), до крстосница со регионален пат R1204 кај црквата „Св. Мина“ (патен правец Свети Николе – Крива Паланка) – само за време кога ќе поминуваат велосипедистите;
– Регионален пат R1204 (од крстосница наведена погоре) до крстосница со регионален пат А2 (кај „Алфи“) – затворен за сообраќај, со дозволени премини преку патот, освен кога ќе поминуваат велосипедистите и
– Регионален пат А2 (крстосница кај „Алфи) кон Општина Старо Нагоричане – затворен цело време додека трае трката.
Улиците ќе бидат затворени во период од 05:00 до 16:00 часот, заради подготовка за старт и спроведување на трката, наизменично, согласно погоре наведеното. Стартот на трката е предвиден за 10:00 часот и истата ќе заврши по 13:30 часот, по што ќе има свечено доделување на награди на плоштадот.
"Ги известуваме граѓаните дека за време на трката, општинскиот линиски превоз ќе се одвива отежнато, со делумно запазени линии од периферијата до најблиска можна точка во центарот и обратно. За повеќе информации во врска со линискиот превоз, граѓаните да се обратат во диспечерскиот центар на телефонскиот број 031 444 – 003. Ги замолуваме граѓаните на Општина Куманово за разбирање и толеранција, со цел беспрекорно одвивање на настанот", соопшти Општина Куманово.