Во домашна изолација сите патници од автобусот со кои патуваа заразените од корона вирус
Сите патници кои вчера пристигнале со автобусот од Италија, а патувале до Куманово, Скопје и Дебар, се идентификувани и ќе бидат во домашна изолација. Двајцата заразени сопружници од Дебар се префрлени на Инфективната клиника во Скопје.

- Сите сопатници се анкетирани и ќе им биде назначена домашна изолација и здравствен надзор. Еден од патниците е жител на Албанија, за идентитетот во текот на вчерашниот ден го известивме албанското Министерство за здравство, - изјави министерот Венко Филипче на денешната прес-конференција.
Министерот информира дека возачот во изминатите неколку денови повторно заминал на тура за Италија, а вчера било укажано дека денеска ќе да стигне во земјава.
- Пред половина час пристигна на граничниот премин Табановце. Автобусот ќе биде ставен на страна. Патниците ќе бидат ставени во една посебна просторија во сопственост и менаџирање на Царинската управа. Возачот ќе биде прегледан, ќе биде тестиран и што и како ќе се направи понатаму во однос на препораките на оваа нова тура патници ќе зависи од резултатот на анализата на тестот на возачот. Направен е целосен увид, веќе се започнати контактите. Дел се завршени интервјуата, дел ќе продолжат и во текот на денот на сите сопатници кои на 27 февруари влегле во земјава заедно со двајцата пациенти кои се сега хоспитализирани“, изјави министерот Филипче.
На денешната прес-конференција, беше речено дека целосно е спремен и објектот за изолација во Демир Капија, како дополнителен капацитет на инфективните одделенија во Штип, Велес и Гостивар.
- Тоа е објект којшто е нов, изграден од страна на Министерството за труд и социјална политика, целосно изолиран. Сметаме дека е добро место доколку се изнуди потреба за дополнителен број на луѓе коишто би биле во изолација, со цел да се олесни надзорот, како и работата на епидемиолозите, но и на припадниците на МВР. Како ќе се направи и во кој момент ќе зависи од моменталната ситуација доколку се изнуди потреба тоа се спроведе, - истакна министерот Филипче.
Тој аплираше до патниците кои се вратиле од странство да не одат на матичен лекар туку да се јават на телефонските броеви во центрите за јавно здравје.