Во изгорениот автобус нема повредени, на дел од патниците им се слошило па интервенирала Брза помош
Седумдесет и двајца патници имало во двокатниот автобусот на новосадскиот превозник „Јадран“, што попладнево изгоре на граничниот премин Табановце.

Сите патници навреме излегле од автобусот и немало повредни, но поради шокот што го претрпеле на неколку патници им се слошило, па интервенирала Брзата помош од Куманово.
- Во пожарот немаше повредени патници, но како последица на предизвиканиот стрес интервениравме кај повеќе случаи, бидејќи им беше лошо. Луѓето беа прилично вознемирени и уплашени, со покачен крвен притисок. Им пруживме прва помош, по што заминаа преку граница и рекоа дека ќе бараат помош во нивната земја, - соопштуваат од Брза помош Куманово.
Според непотврдени информации автобусот се враќал од Паралија, а како причина за пожарот се наведува неисправна инсталација.
Во противпожарната единица Куманово, пожарот бил пријавен во 15.45 часот, по што прво на терен излегло една возило, а потоа било побарано засилување. Пожарот е локализиран околу 18 часот.
Увид на лице место врши екипа на СВР Куманово.
По пожарот нема застој на граничниот премин Табановце и сообраќајот се одвива редовно.