40 ученици се испишале од кумановските училишта до полугодие, главно се иселиле во други градови во земјата
Вкупно 40 ученици се испишале од кумановските основни и средни училишта до второто полугодие, поради иселување од градот.
„Од основните училишта се испишале 38 ученици, од кои 29 поради преселба во друга општина во рамки на државата и 9 поради преселба во друга држава. Во средните училишта, во првото полугодие се испишале 2 ученици поради преселба во друга држава, заклучно со 5 февруари годинава“, соопштија од Секторот за образование при Општина Куманово.
Трендот на иселување од Куманово продолжува и во текот на учебната година, но не со истата динамика како во претходните години. Минатата година, во второто полугодие се испишале 174 ученици, а во учебната 2024/2025 година 130 ученици. За разлика од порано, кога семејствата најчесто заминуваа во странство, оваа година повеќето се преселиле во други градови во Македонија.
Во учебната 2025/2026 година, во средните училишта во Куманово се запишани 1.130 ученици во прва година, а во прво одделение 904 првачиња, што е за 60 помалку во споредба со учебната 2024/2025 година.