Во Куманово во мај се запишале 850 првачиња, фалат уште 684 родени во 2019
Во основните училишта во Куманово во мај се запишале вкупно 850 ученици во прво одделение во учебната 2025/26 година.

(Најмногу првоодделенци вкупно 116 се запишани во Основно училиште „Кочо Рацин“- фото: Кумановоњуз)
Според евиденцијата на Министерството за внатрешни работи (МВР) оваа година на училиште треба да тргнат 1.534 ученици кои се родени во 2019 година. Незапишани се уште 693 деца.
„Од податоците добиени од 16 основни училишта во мај се запишани вкупно 850 првоодделенци. МВР достави податоци до Општината за бројот на деца родени од 1 јануари 2019 до 31 јануари 2020 година, од реонот на Општина Куманово. Според овој список, вкупно 1.534 деца се училишни обврзници за запишување во прво одделение за учебната 2025/2026 година во нашата општина. Конечната бројка на запишани првоодделенци се очекува да се зголеми и ќе се знае на почетокот на учебната година во септември“, велат од Секторот за образование во Општина Куманово.
Оттаму додаваат дека овие податоци укажуваат дека и Општина Куманово не е исклучок од трендот на намалување на првоодделенците кој се случува на ниво на државата, а најголема причина е интензивното иселување од земјата на семејства со деца на помала возраст.
„Секоја учебна година бележиме и отпишани ученици. Во учебната 2024/2025 година во основните училишта, се отпишани вкупно 170 ученици или 1,76 %од вкупниот број 9. 610 запишани ученици. Мал дел од отпишаните ученици се поради преселба на семејствата во друга општина, а поголем дел поради преселба надвор од границите на државата. Затоа Општината се соочува со голем предизвик, најпрвин со упис на ученици во прво одделение, а потоа и функционирање на паралелките и во погорните одделенија“, додаваат од Секторот.
Од вкупниот број на запишани во градот се 608 ученици, а во селата 242 ученици.
Најмногу ученици во новата учебна година има запишано во Општинското основно училиште „Кочо Рацин“ со вкупно 116 првоодделенци, а најмалку во ООУ „Вера Которка“ во село Клечовце – вкупно 5 првоодделенци.
Лани во мај се запишале вкупно 923 ученици во прво одделение од 1.508 ученици кои се родени во 2018.