Во Кумановската болница отворено „Роса школо за родителство“
„Роса школо за родителство“, денеска беше отворено во Општата болница во Куманово, во рамки на проектот на Пивара Скопје и Министерството за здравство.

Школото е наменето за сите идни родители околу негата на нивните деца, како и негата на мајката за време на бременоста и по породувањето. Целта на овие школи е родителите да добијат стручна и кредибилна информација за исхрана, животот, начинот на доење на бебето, капењето и сите останати прашања поврзани со родителството.
Од Пивара Скопје истакнуваат дека овој проект е од особена важност за помош на идните родители и дека во иднина ќе продолжат да дејствуваат во насока на подобрување на условите на сите идни родители, преку држење на уште едукативни обуки.
„ Најчесто младите родители кога ќе дојдат пред таа нивна нова улога имаат доста отворени прашања и најчесто прашуваат роднини, пријатели, познаници и слично. Меѓутоа, сметавме дека е потребно да добијат една кредибилна информација од стручни лица коишто Општата болница во Куманово ги има и работата и на тој начин ќе придонесеме за полесно и поубаво да влезат во таа нова улога. Идејата на Роса школото, но и мојата идеја како мајка е дека и татковците треба да бидат вклучени во целиот тој процес, бидејќи целосното семјество е носител на тоа што се случува во иднината. Сите членови на фамилијата кои сметаат дека имаат отворени прашања и сметаат дека сакаат да дознаат нешто повеќе, слободно можат да дојдат во Роса школото“- вели Катерина Хаџи-Ангелеска Начевска, бренд менаџер во Пивара Скопје.
Директорката на Општата болница Куманово Снежана Захариева, вели дека нивната болница располага со тим од акушери, гинеколози и педијатри кои ја имаат поминато обуката и дека со нивното долгогодишно искуство ќе можат да им помогнат на идните млади семејства.
„Секој што е родител знае дека при раѓањето на првото дете постојат милион прашања кои што се непознати за идните родители и за кои прашања најчесто одговори се бараат на интернет, па често пати може да се добијат и погрешни информации. Затоа им се дава можност на родителите да дојдат овде и од нашите стручни тимови да добијат одговори на сите прашања коишто ги интересираат, дали е тоа начинот на живот, начинот на исхрана, и на самите мајки за време и после бременоста, а исто така и негата и исхраната на новороденчето. Иако главната улога ја има мајката, сепак, добредојдени се и останатите членови на семејството кои сакаат да добијат информации од прва рака.“- додава Захариева.
Проектот, „Роса школо за родителство“ е резултат на шестмесечна кампања преку која беше издвоен по 1 денар од секое продадено шише вода „Роса“, a средствата се наменети за комплетно реновирање и уредување на просториите кои ќе се наменети за Роса школите за родителство. Досега се отворени вкупно шест Роса школи, а во текот на 2020 година се очекува да се отворат уште три Роса школи.