Време е часовникот на Куманово да тргне напред, Стојковски ја објави кандидатурата за градоначалник
Независниот кандидат за градоначалник на Куманово, Горан Стојковски – Диро, официјално ја претстави својата кандидатура, како и советничката листа на граѓанската иницијатива „Ред за Куманово“.

Промоцијата се одржа пред градскиот часовник во центарот на градот, симболично избран како потсетник на застојот што, според Стојковски, го обележува Куманово во изминатите две децении.
„Денес стојам во срцето на Куманово, пред градскиот часовник кој веќе 20 години не работи и кој е симбол на застојот и хаосот во кој живееме. Но секој застој има крај. Време е часовникот на нашиот град повторно да тргне,“ порача Стојковски, најавувајќи дека неговиот тим е решен да внесе ред и промени во секој сегмент од општественото живеење – во институциите, во сообраќајот, во секое маало и на секоја улица.
Стојковски истакна дека независната листа не е само реакција на неуспехот на политичките партии, туку визија за нов модел на управување со градот.
„Затоа сме овде – како независен кандидат и независна листа, решени да поставиме критериуми и стандарди преку кои ќе помогнеме да еволуираат и партиите и поединците. Ќе се осврнеме на основниот ресурс – луѓето. Тоа се квалитетни, компетентни и професионални личности кои своите способности ќе ги стават во функција на граѓаните,“ рече тој.
Програмата на „Ред за Куманово“ почива на пет основни столбови: чисто, уредно, функционално, безбедно и живо Куманово. Во неа се опфатени решенија за најголемите проблеми со кои се соочува градот: подобрување на хигиената и управувањето со отпадот, редовно одржување на урбаната опрема, изградба на нови паркиралишта и велосипедски патеки, функционален јавен превоз и намалување на сообраќајниот метеж, зголемување на јавната безбедност, изградба и санација на канализациски системи, како и силна поддршка на уметноста, културата, музиката и екипните спортови.
„Нашата визија е чисто, уредно и функционално Куманово, град кој нуди можност за младите креативни луѓе и е достоен за сите жители. Нашиот мотив е квалитетен живот за секој граѓанин – право на слобода, чист воздух, чиста вода, здрава околина и јавни услуги што навистина ќе функционираат. Нема да ветуваме и да се фотографираме, ќе работиме чесно и посветено, за четири години граѓаните да почувствуваат реална промена,“ нагласи Стојковски.
На прашањето на кои гласови смета, со оглед на тоа што дел од тимот се поранешни членови на политички партии, Стојковски одговори, дека луѓето со него се лојални на идејата и на граѓаните, а не на партијата.
„Кај никој од нас нема лојалност кон партиската апаратура и бирократија. Тоа што сме биле по партии, значи дека луѓето се обидувале преку институционалниот систем да направат промена. Но видовме дека партиите не можат тоа да ни го испорачаат. Затоа сакаме градот да го менаџираат луѓе кои се докажале во својата професија. Типуваме на гласовите на секој кумановец кој сака ред, на секој граѓанин кој својата иднина и иднината на своето семејство ја гледа тука.“
Стојковски истакна дека ако е потребно, ќе соберат и 10.000 потписи за кандидатурата, бидејќи се подготвени да се борат против сите предизвици. „Знаеме во каква арена влегуваме – арена на сурова моќ, дрски лаги и отсуство на морал. Но подготвени сме да се бориме чесно, искрено и бескомпромисно, токму онака како што живееме и работиме,“ рече тој, додавајќи дека иницијативата нема намера да прерасне во политичка партија.
Носителот на советничката листа, стоматологот Иван Петковски, се осврна на проблемот со масовното иселување на младите и образованите луѓе.
„Мои блиски пријатели, успешни и остварени, кои се финансиски стабилни, размислуваат да го напуштат Куманово затоа што не гледаат перспектива за своите деца. Тоа е аларм за сите нас. Не смееме да ја вртиме главата настрана, туку мораме да преземеме нешто. Затоа сме тука – да се обединиме околу идејата и визијата за подобро Куманово за сите нас,“ изјави Петковски.
На независната листа на советници се и Југослав Спасиќ, Наташа Младеновска Ѓорѓевиќ, Мартин Михајловски и други граѓани, кои, како што истакна иницијативата, ќе настапуваат исклучиво во интерес на кумановци. Кампањата „Ред за Куманово“ ќе се води со директни средби со жителите, на терен, лице в лице.