Втора година по ред Бадник се слави во „Панче Пешев“
Втора година по ред, жителите на месната заедница „Панче Пешев“ го прославија Бадник.
„Имаме голем одѕив и покрај врнежливото време. Сепак, тука сме да ја испочитуваме традицијата и да го прославиме празникот. Покрај бадниковата трпеза и топлата ракија, се собравме на маалска дружба, пред сè за да си го честитаме празникот и да се видиме, бидејќи тоа ни недостасува во овој брз начин на живот“, вели Бобан Кипријановски од организацискиот одбор, кој е избран за кум за наредната година.
Претседателот на месната заедница, Александар Трајковски, вели дека интересот за прославата оваа година бил поголем од минатата и дека граѓаните со задоволство се приклучиле во организацијата.
„Луѓето се интересираа и прашуваа дали ќе ја продолжиме традицијата. Тоа ни е идејата да ја пренесеме на помладите. Благодарност до сите што ни помогнаа да се реализира прославата. Дополнително, ќе им бидат доделени благодарници, како и минатата година“, изјави Трајковски.
На посетителите им беа поделени лепчиња и бадникови гранчиња, кои беа осветени од свештено лице.